Шефот на Обединетите нации за човекови права Вокер Турк, денес рече дека завршувањето на војната во Газа „и избегнувањето на целосен регионален конфликт е апсолутен и итен приоритет“.
„Знаеме дека војните се прелеваат и на идните генерации, поттикнувајќи повторени циклуси на омраза доколку нивните причини останат нерешени“, рече Турк на седницата на Советот за човекови права во Женева.
„За жал, војната во Газа е суштински пример“.
Турк го истакна „ужасниот“ напад на Хамас врз Израел, присилното раселување на 1,9 милиони жители на Газа, 101 Израелец сè уште се држат како заложници во Газа и „смртоносните и деструктивни операции“ на Западниот Брег кои „ја влошуваат катастрофалната ситуација“.
Израелската војска денес извести дека извршила напади во текот на ноќта врз згради и место за лансирање што го користат милитантите на Хезболах во јужен Либан.
Во соседна Сирија, државните медиуми денес објавија дека во сомнителни израелски воздушни напади загинале најмалку 14 лица, а 40 други се повредени.
Цел на нападите биле воени локации во централна Сирија, се вели во извештајот.
Израел ретко коментира за нападите што ги извршува во Сирија, но рече дека нема да дозволи иранско присуство во Сирија, што е клучна рута за испраќање иранско оружје до Хезболах во Либан.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера вети дека ќе ја продолжи војната против милитантите на Хамас во Газа додека конфликтот влегува во својот 12-ти месец, велејќи дека неговата земја е „опкружена со убиствена идеологија предводена од иранската оска на злото“.
Во последниве денови, имаше огромни улични протести за неговото справување со војната, заедно со неговиот неуспех да постигне прекин на огнот со Хамас, кој вклучува враќање на преостанатите заложници кои ги држи групата, означена од САД како терористичка.
Нетанјаху им рече на другите израелски лидери дека „големото мнозинство од граѓаните на Израел... знае дека ние сме целосно посветени на постигнување на целите на војната: да го елиминираме Хамас, да ги вратиме сите наши заложници, да се осигураме дека Газа никогаш повеќе нема да претставува закана во Израел и безбедно да ги вратиме нашите жители на север и југ во нивните домови“.
Војната беше предизвикана по нападот на 7 октомври врз јужен Израел минатата година, во кој загинаа околу 1.200 луѓе и доведе до киднапишрање на околу 250 заложници.
Во израелската одмаздничка офанзива загинаа повеќе од 40.900 Палестинци, главно жени и деца, иако израелската војска вели дека бројот на жртви вклучува неколку илјади милитанти.
САД, Катар и Египет поминаа месеци обидувајќи се да посредуваат за прекин на огнот и враќање на заложниците, но преговорите постојано беа заглавени.
Некои информации во текстот се од Асошиетед прес, Франс-прес и Ројтерс