Предлогот на Бајден е начин да се стави крај на војната во Газа, рече Кирби

Советникот за комуникации за национална безбедност Џон Кирби зборува за време на дневниот брифинг во Белата куќа во Вашингтон, на 28 мај 2024 година (Фото: АФП)

Беше важно да се обелодени пред јавноста за тоа што го кажува овој предлог, особено веднаш откако беше пренесен до Хамас, изјави во интервју за Гласот на Америка портпаролот на Советот за национална безбедност Џон Кирби, одговарајќи на прашањето да го објасни предлогот на претседателот Џо Бајден за прекин на огност во Газа.

САД во понеделникот соопштија дека сакаат Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) да усвои резолуција со која ќе го поддржи предлогот на Бајден за прекин на борбите меѓу Израел и палестинските милитанти Хамас во појасот Газа.

„Така, секој може да види каков може да биде евентуалниот исход, а тоа е траен прекин на непријателствата како можност во втората фаза. И затоа што сакаме да се увериме дека Хамас знае, дека светот сега знае, што е во неговиот предлог и што е во прашање“, рече Кирби.

На прашањето колку претседателот е уверен дека Израелците ќе го прифатат, Кирби рече:

„Израелците сами го кажаа тоа, тоа е нивен предлог, тие се потпишуваат на него, го признаваат, го поседуваат како што треба, и ги имаме сите очекувања дека тие ќе продолжат да го поддржуваат овој предлог затоа што тој е нивен, и е во нивен интерес. Тоа е и во интерес на Хамас. Тие велат дека сакаат војната да заврши, ова е пат да се стави крај на таа војна“.

Кирби рече дека е можно „да има некои размени и преговори. Па, ќе видиме со што ќе се врати Хамас“.

Лидерите на групата седум најразвиени држави (Г7) „целосно го поддржуваат и ќе застанат зад сеопфатниот“ договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците за војната во Газа, предложен од Џо Бајден, и го повикуваат Хамас да го прифати, се вели во нивно вчерашно соопштение.

Договорот „ќе доведе до итен прекин на огнот во Газа, ослободување на сите заложници, значително и одржливо зголемување на хуманитарната помош за дистрибуција низ Газа и траен крај на кризата, со гарантирани безбедносните интереси на Израел и цивилната безбедност во Газа“, се вели во соопштението.

Бајден минатата недела го претстави, како што рече, израелскиот предлог за прекин на огнот во три фази, добивајќи позитивна првична реакција од Хамас.

Помошник на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неделата потврди дека Израел го прифатил рамковниот договор за прекин на војната во Газа, иако тој го опиша како погрешен и дека му треба многу повеќе работа.

Висок функционер на палестинската милитантна група рече дека Хамас не може да се согласи на никаков договор доколку Израел не преземе „јасна“ обврска за траен прекин на огнот и целосно повлекување од појасот Газа.

„Не можеме да се согласиме со договор што не обезбедува, гарантира и не обезбедува траен прекин на огнот, целосно повлекување од појасот Газа и соодветно комплетирање на вистинска сериозна спогодба за размена“, рече Осама Хамдан, претставник на Хамас, на телевизиска прес-конференција.

Дел од информациите се од Ројтерс