Министерот Бујар Османи утре заминува во Софија, каде во 9 часот наутро, по македонско време, со неговата бугарска колешка Теодора Генчовска, ќе го потпише билатералниот протокол со Бугарија.
Османи вечерва одржа куса средба со медиумите, а на којшто се зборуваше за содржината на протоколот.
Дел од точките во протоколот опфаќаат делови за историските прашања, за спречување на говорот на омраза, за соработка на полето на културата, за заедничко одбележување на историски настани и личности, за измени во учебниците. За јазикот, пак, Османи истакна дека останува македонски.
Според протоколот исклучително значајна улога ќе има мешовитата комисија за историски прашања, од која ќе се очекува да донесе едногласни одлуки за повеќето отворени прашања.
Деталната и целосната верзија од протоколот за јавноста ќе биде објавен утре, после неговото потпишување во Софија.
Владата денеска го прифати францускиот предлог за почеток на пристапните преговори со ЕУ. Првата меѓувладина конференција ќе се одржи на 19 јули во Брисел, со што политички ќе се означи почеток на преговроите со ЕУ.
Сепак, до отворање поглавја нема да дојде додека не се одржи втора меѓувладина конференција со ЕУ, а услов за нејзино одржување ќе бидат измени во македонскиот Устав, односно вметнување на бугарскиот народ во Уставот. Предвидениот период за тоа да се направи е година и пол.
Владата го прифати францускиот предлог откако Собранието, после тридневна расправа, изгласа заклучоци со кои владините преговарачки тимови се задолжуваат да не дозволат поткопување на идентитетските одлики на државата.
Опозицијата не гласаше за заклучоците. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на Левица ја напуштија салата пред гласањето. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најави дека пратениците од неговата партија нема да се согласат на бараните уставни измени. Лидерот на Левица, пак, Димитар Апасиев на „Фејсбук“ објави дека „ништо не е готово“ и дека имаат, како што објави, „план Б“.
За цело време, додека траеше расправата, пред Собранието се одржуваа протести.