Тензичната атмосфера продолжи. Жестоки расправии меѓу пратениците од власта и опозицијата, за малку избегнат инцидент со пресметка, мафтања со прсти и закани за кршење на истите, клетви, ситни пари и вувузели. Вака може да се опише вториот ден на собраниската дебата на народните избраници кои треба да одлучуваат за инофрмацијата доставена од Владата околу францускиот предлог
СКОПЈЕ - Вувузелите стивнаа, но не и навредите, прозивките и обвинувањата од собраниската говорница и во собраниската сала. Пленарната седница за информацијата на Владата за францускиот предлог продолжи во крајно тензична атмосфера во која пратениците од власта и опозицијата си разменуваа навреди и обвинувања за патриотизмот, чесноста, љубовта кон татковината, а падна и по некоја клетва и ситна пара на собранискиот под.
Некаде околу 19 часот беше спречена физичка пресметка меѓу пратеникот од СДСМ, Мартин Костовски и претседателот на Левица, пратеникот Димитар Апасиев. Горан Мисовски од НСДП и Арбр Адеми, спречија двајцата пратеници кои беа на раб да се пресметаат да го сторат тоа.
Препукувањата меѓу Костовски и Апасиев продолжија на социјалните мрежи.Фокусот беше на „нокаути“ и „сељаци“.
„Безброј навреди, колнења и закани можеби може да ги реши еден нокаут, но тоа на улица не во храмот на демократијата. Агресијата на Апасиев кон мене, е само изблик на неговата немоќ, и ништо повеќе од тоа“, напиша Костовски.
Апасиев не остана покус.
„Со сељаците – сељачки. Со интелектуалците – интелектуално“, напиша Апасиев.
А на инцидентот му претходеше префрлање меѓу повторно Апасиев и спикерот Талат Џафери. Причина беше мафтање со прст а двајцата заборавија на манирите и се обраќаа еден кон друг на „ти“.
„Прв и последен пат да ти биде да ми мафташ со прст, еве јас што ти кажувам“, дофрли Апасиев.
„Не мфатај со прст ти може да ти биде скршен тој прст. Ајде.“, гласеше одговорот на Џафери.
Дебата меѓу пратениците веќе втор ден се води на крајно ниско ниво.
„Предавници аир да не видите, ви паѓа цената, еве ви ситниш. Да не видите мир во душите ваши и во вашите бедни предавнички животи. Да живее слободна Македонија“, рече Зоран Коцевски,пратеник од редовите на ВМРО - ДПМНЕ и притоа фрли неколку метални пари покрај собраниската говорница.
Испечатената верзија на францускиот предлог неколку пати беше искината, а пратеникот Тони Јарески од ВМРО-ДПМНЕ истури црвена боја на говорницата како симбол на крвта на партизаните и младите од Ваташа убиени од Бугарите, кои според него ги предава владата на Ковачевски.
Пратениците од ДУИ не уествуваат во дебатата а на пратениците од СДСМ најчесто говореа за криминалите на претходната гранитура во ВМРО - ДПМНЕ, предводена од бегалецот Никола Груевски.
„За што протестирате ви од ВМРО-ДПМНЕ, изгубени во историјата? Вчера врховисти, завчера антички, а денеска наводно партизани. Во ЕУ влегуваме како Македонци со македонски јазик, а јас како пратеничка од Ѓорче Петров ќе се борам да го сочувам ликот и делото на Ѓорче Петров и тоа токму од вас, ќе се борам да го зачувам ликот и делото на нашите народоноослободителни херои кои вие ги нарекувавте злосторници“, рече Даниела Марковска од СДСМ.
На тапет беше и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, која вчера се обрати пред пратениците, а чија посета пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Олга Лозановска ја спореди со спроведување на нацистички закон.
„Ќе ви прочитам еден твит – на денешен ден 1933 година, нацистите донеле закон за задолжителна стерилизација на лицата со наследни болести. Денес, односно вчера, 2022 година, ни дојдоа дома, во парламентот, да нè стерилизираат нас Македонците“, рече Лозановска од собраниската говорница.
На ова официјално реагираа партиите од владеачкото мнозинство. За СДСМ станува збор за примитивизам, скандал и срам а ДУИ покрај осудата побара и јавно извинување.
Собраниската седница продолжува утре во 11 часот а право на збор имаат упте тројца пратеници по што ќе се прејде на гласање за заклучокот и информацијата на Владата околу францускиот предлог.
Facebook Forum