Обама удри по републиканците, им дава втора шанса

Обама удри по републиканците, им дава втора шанса

На автобуската турнеја по југот врши притисок за својата иницијатива за нови работни места.

Американскиот претседател Барак Обама жестоко ги нападна републиканците во Конгресот на вториот ден од својата автобуска турнеја по Југот, обвинувајќи ги за затворените работни места и зголемените даноци за работниците.

Во настапот во Џејмстаун, сојузната држава Северна Каролина, Обама побара поддршка за својот предлог-закон за нови работни места што предвидува 447 милијарди долари. Претседателот кажа дека им дава на членовите на Конгресот втора шанса да го слушнат американскиот народ и да си ја завршат својата работа со тоа што ќе го усвојат законот, ако треба и дел по дел. Тој ги обвини оние кои минатата недела во Сенатот гласаа против законот дека во суштина го зголемиле данокот за американските работници, затоа што го одбиле даночното скратување од законот со кое голем број американски семејства би плаќале по 1.000 долари помалку. За републиканскиот предлог за работни места, пак, Обама кажа дека ќе затворел постојни, наместо да отвори нови.

Вечерва Обама од Северна Каролина ќе замине за соседна Вирџинија. Тој победи во двете сојузни држави на претседателските избори 2008-ма и обете се сметаат за важни за неговиот евентуален реизбор наредната година.

Минатата недела, републиканците во Сенатот ја блокираа расправата за целиот предлог-закон, спорејќи дека содржи неодговорни трошоци и даночни зголемувања и дека ќе доведе до затворање на работни места.