Најмалку 558 мртви во израелските воздушни напади во Либан

  • VOA

Чад се крева среде тековните прекугранични непријателства меѓу Хезболах и израелските сили, во Тир, јужен Либан, 23 септември 2024 година

Либанските здравствени власти денес соопштија дека во дводневните израелски воздушни напади загинале најмалку 558 луѓе.

Израел изврши повеќе воздушни напади денес во јужен Либан, погодувајќи, како што рече, десетици цели на Хезболах, вклучително и борци вклучени во истрелувањето ракети врз северен Израел.

Хезболах соопшти дека нивниот ракетен напад денес вклучувал цели на израелски воени бази.

Портпаролот на агенцијата за бегалци на ОН, изјави за новинарите дека десетици илјади луѓе во Либан се принудени да ги напуштат своите домови и оти се очекува бројот да се зголеми, нагласувајќи дека ситуацијата е „екстремно алармантна“.

Шефот на ОН за човекови права Вокер Турк ги повика сите кои имаат влијание во регионот „да направат се` што можат за да обезбедат целосно почитување на меѓународното право“.

Насилството ги натера Ер Франс, Катар ервејс и други авиокомпании да ги откажат летовите до и од аеродромот во Бејрут.

Израелските напади започнаа во понеделникот со, како што рече војската, напади врз повеќе од 1.300 цели низ јужен и источен Либан.

Либанските здравствени власти соопштија дека билансот на жртвите од израелските напади во понеделникот бил речиси 500 мртви и повеќе од 1.600 повредени.

Меѓу убиените има 35 деца и 58 жени, соопштија властите.

Израелската војска ги предупреди жителите на истокот на Либан да се држат настрана од складиштата за снабдување со оружје на Хезболах.

Во снимената порака до либанските цивили, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги повика да ги послушаат израелските повици за евакуација, велејќи дека треба „сериозно да го сфатат ова предупредување“.

„Ве молам, тргнете се од опасноста сега“, рече Нетанјаху.

„Откако ќе заврши нашата операција, можете безбедно да се вратите во вашите домови“.

Илјадници луѓе избегаа од јужен Либан, заглавувајќи го главниот автопат север кон Бејрут.

Преку портпарол, генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш рече дека „навистина е вознемирен од ескалацијата на ситуацијата“ долж израелско-либанската граница, особено големиот број цивилни жртви и илјадниците раселени лица.

Војната во Газа започна по нападот на Хамас во октомври 2023 година врз јужниот дел на Израел, во кој палестинските милитанти убија околу 1.200 луѓе и киднапираа околу 250 други како заложници.

Тие сè уште држат околу 100 заробеници, од кои една третина се верува дека се мртви.

Според Министерството за здравство на Газа, убиени се повеќе од 41.400 Палестинци, главно жени и деца, а израелската војска соопшти дека во бројот на загинатите има илјадници борци на Хамас.

Хамас е прогласен за терористичка група од страна на САД, Обединетото Кралство, Европската унија и други. Хезболах, исто така, означен од САД како терористичка група.

Некои информации во текстот се од Асошиетед прес, Франс- прес и Ројтерс