Најмалку 19 мртви при напад на Израел во хуманитарна област во Газа

  • VOA

Лица гледаат на уништувањето по израелскиот воздушен напад врз преполниот шаторски камп во кој се сместени Палестинците раселени од војната во Газа, 10 септември 2024 година

Министерството за здравство на Газа денес соопшти дека во израелски ракетен напад врз хуманитарна област во јужниот дел на појасот Газа биле убиени најмалку 19 лица, а 60 други биле ранети.

Министерството соопшти дека спасувачите сè уште не успеале да стигнат до некои од жртвите кои останале затрупани под песок и урнатини.

Бројот на убиени е помал од претходниот биланс обезбеден од Цивилната одбрана, која соопшти дека во нападот загинале 40 лица.

Израелската војска ја оспори поголемата бројка, додека го обвини Хамас за дејствување во хуманитарни зони.

Нападот се случил западно од Кан Јунис, кој е дом на многу Палестинци кои избегаа од другите области на Газа за да избегаат од конфликтот меѓу Израел и милитантната група Хамас.

Израелската војска соопшти дека погодила голем број високи милитанти на Хамас, вклучително и неколку команданти кои биле директно вклучени во октомврискиот напад врз Израел, со кој започна војната.

Во соопштението на Хамас се негираше дека неговите борци се во областа.

Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш, вчера рече дека ОН понудиле да помогнат во следењето на евентуалниот прекин на огнот за да се запре војната во Газа, но дека е „нереално“ да се мисли оти светската агенција директно ќе управува со територијата или ќе обезбеди мировни сили.

Гутереш изјави за Асошиетед прес во интервју „ОН ќе бидат достапни да поддржат каков било прекин на огнот“, но рече дека не верува оти Израел ќе прифати поширока улога на ОН, како што конфликтот меѓу Израел и Хамас трае последните 11 месеци.

Израел обвини мал број работници на ОН дека им се придружиле на милитантите на Хамас во нивниот напад на Израел на 7 октомври.

Обединетите нации имаат воена набљудувачка мисија на Блискиот Исток од 1948 година.

Гутереш рече дека понудата за следење на прекинот на огнот „беше една од хипотезите што ги ставивме на маса“.

Но, со месеци долгите разговори за прекин на огнот се заглавени.

„Се разбира, ќе бидеме подготвени да направиме се` што ќе побара меѓународната заедница за нас“, рече Гутереш.

„Прашањето е дали страните би го прифатиле, а особено дали Израел би го прифатил“.

Нагласувајќи ја итноста за прекин на огнот сега, Гутереш рече:

„Нивото на страдање што го гледаме во Газа е без преседан во мојот [седумгодишен] мандат како генерален секретар на Обединетите нации. Никогаш не сум видел такво ниво на смрт и уништување како што гледаме во Газа во последните неколку месеци“.

Одделно, шефот за човекови права на ОН Вокер Турк, вчера рече дека завршувањето на војната во Газа „и избегнувањето на целосен регионален конфликт е апсолутен и итен приоритет“.

„Знаеме дека војните се прелеваат и во идните генерации, поттикнувајќи повторливи циклуси на омраза доколку нивните причини останат нерешени“, рече Турк на седницата на Советот за човекови права во Женева.

„За жал, војната во Газа е суштински пример“.

Турк го истакна „ужасниот“ напад на Хамас врз Израел, насилното раселување на 1,9 милиони Палестинци во Газа, 101 Израелец сè уште се држат како заложници во Газа и „смртоносните и деструктивни операции“ на Израел на Западниот Брег кои „ја влошуваат катастрофалната ситуација“.

Војната беше поттикната од октомврискиот напад на Хамас врз јужен Израел минатата година, во кој загинаа околу 1.200 луѓе, а беа киднапирани околу 250.

Во израелската одмаздничка офанзива загинаа повеќе од 41.000 Палестинци, главно жени и деца, иако израелската војска вели дека бројот на загинати вклучува неколку илјади милитанти.

САД, Катар и Египет поминаа месеци обидувајќи се да посредуваат за прекин на огнот и враќање на заложниците, но преговорите се заглавени.

Некои информации во текстот се од Асошиетед прес, Франс-прес и Ројтерс