Иван Гершкович, Алсу Курмашева и Пол Вилан пристигнаа во САД

Американскиот претседател Џо Бајден и потпретседателката Камала Харис гледаат новинарката Алсу Курмашева го прегрнува своето семејство додека пристигнува во заедничката база Ендрјус во Мериленд на 1 август 2024 година

Иван Гершкович, Алсу Курмашева, Пол Вилан, кои беа ослободени од руски притвор во големата размена на затвореници меѓу Западот и Истокот, пристигнаа во САД во четвртокот пред полноќ.

На аеродромот во воената база Ендрјус ги пречекаа нивните семејства, како и американскиот претседател и потпретседателка Џо Бајден и Камала Харис.

Од авионот прв излезе Вилан, кој отпоздрави, а потоа се поздрави и имаше краток разговор со Бајден и Харис.

После тоа ја прегрна сестра си која му посака добредојде.

Елизабет Вилан го прегрнува својот брат Пол Вилан во воздухопловната база Ендрjус, по неговото ослободување како дел од размената на затвореници од 24 лица меѓу Русија и Соединетите држави, 1 август 2024 година

После тоа, новинарот на „Вол Стрит Џурнал“ Иван Гершкович излезе од авионот, кој долета од Анкара. Неговите колеги кои се собраа на аеродромот го поздравија гласно. Тој се ракуваше со претседателот Бајден пред да ги прегрне неговите мајка и ттатко. Потоа пријде и разговараше со колегите.

Последна излезе Курмашева, која се поздрави со претседателот Бајден и потпретседателката Харис и се втурна о прегратките на своето семејство - сопругот Павле Буторин и двете ќерки.

Претходно истиот ден, роднините го придружија претседателот Бајден, како што тој најави. „Денес ги носиме дома Пол, Иван, исто така Владимир“.

Зборувајќи накратко за Гласот на Америка пред да заминат во воздухопловната база Ендрјус, Буторин изјави за Гласот на Америка: „Денес нашите ќерки беа сведоци на навистина историски чин на решителност и сочувство, навистина, од страна на американската влада и нејзините сојузници“.

Масовната размена покажува „дека слободниот свет им дава поголема вредност на човечкиот живот и семејството“, рече Буторин.

Севкупно, САД обезбедија ослободување на 16 лица, вклучително и Вилан, Курмашева и Гершкович, и постојаниот жител на САД и колумнист, добитник на Пулицерова награда Владимир Кара-Мурза.

Русија во замена прими осум лица.

Тоа ја означи најголемата размена на затвореници меѓу САД и Русија од Студената војна.

„Денешната размена ќе биде историска. Од Студената војна немало сличен број на поединци разменети на овој начин“, изјави советникот за национална безбедност Џејк Саливан за новинарите на брифингот.

Веста за безбедното враќање на Курмашева и Гершкович беше дочекана со излив на радост од нивните медиуми и групи за поддршка.

Новинарот Иван Гершкович ја прегрнува својата мајка, Ела Милман, додека претседателот Џо Бајден гледа во воздухопловната база Ендрјус, по нивното ослободување како дел од размената на затвореници од 24 лица меѓу Русија и САД, на 1 август, 2024 година

Редакцијата на „Вол Стрит Џурнал“ избувна во овации и аплаузи додека главната уредничка Ема Такер објави дека нивниот дописник од Москва се враќа дома.

Гершкович помина повеќе од 490 дена во затвор поради лажни обвиненија.

И шефовите на Американската агенција за глобални медиуми и нејзините мрежи Гласот на Америка и Радио Слободна Европа, дадоа изјави во кои го поздравија безбедното враќање на уредничката на Курмашева.

Бајден во четвртокот разговараше со лидерите на Турција, Норвешка, Полска, Словенија и Германија за да им се заблагодари за нивната помош за време на сложените преговори.

Потпретседателката Камала Харис претходно истиот ден разговараше со Јулија Навалнаја, вдовица на Алексеј Навални. Меѓу ослободените се и тројца колеги на покојниот руски опозициски лидер.

Потоа, Харис им рече на новинарите дека ослободените „покажале неверојатна храброст“ и го нарече нивното притворање „ужасно изопачување на правдата“.

Нејзиниот противник на претседателските избори, поранешниот претседател Доналд Трамп, сепак, го критикуваше договорот, велејќи на Truth Social:

„Нашите „преговарачи“ се секогаш срам за нас“.

Заменик-портпаролот на Стејт департментот Ведант Пател им рече на новинарите:

„Иако денес е добар ден, работата не запира“.

Обраќајќи им се на Американците „кои продолжуваат да бидат неправедно приведени или држени како заложници низ целиот свет“, Пател рече дека администрацијата „ќе продолжи да работи неуморно деноноќно за да направи се“ за да се осигура дека и тие ќе бидат вратени дома.

Групите за заштита на медиумите кои долго време се залагаа за ослободување на новинарите, го прославија нивното безбедно враќање.

Ребека Винсент од „Репортери без граници“, истакна дека ниту Курмашева ниту Гершкович „не смееле да поминат ниту еден ден во руски затвор бидејќи ја извршувале својата работа“.

„Нагласуваме дека новинарите не се мета и не смеат да се користат како политички пиони на овој начин“, додаде таа.

И Џоди Гинзберг од Комитетот за заштита на новинарите, рече дека иако објавувањето е добредојдено, „тоа не го менува фактот дека Русија продолжува да го потиснува слободниот печат“.

„Москва треба да ги ослободи сите затворени новинари и да ја прекине кампањата за користење во отсуство на налози за апсење и казни против руски новинари во егзил“, рече таа во соопштението.

Русија во последните месеци издаде десетици налози за апсење и пресуди во отсуство на новинари во егзил или кои критички известуваат за Кремљ и војната во Украина.

Олга Павлова придонесе за овој извештај. Дел од информациите се од Ројтерс