Откако американскиот претседател Доналд Трамп предложи да се откаже договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас доколку сите заложници не бидат вратени до сабота, официјален претставник на Хамас предупреди дека единствениот начин да се вратат заробениците дома е да се почитуваат условите од договорот.
Трамп ги кажа неговите забелешки вчера, откако Хамас го обвини Израел за прекршување на примирјето и се закани дека ќе го одложи ослободувањето на заложниците.
„Што се однесува до мене, ако сите заложници не бидат вратени до сабота 12 часот - мислам дека е соодветно време - би рекол да го откажете и сите облози се прекинати и нека настане хаос“, им рече Трамп на новинарите во Белата куќа.
Денес, високиот функционер на Хамас, Сами Абу Зухри, изјави за Ројтерс и Франс прес дека забелешките на американскиот претседател го комплицираат кревкото примирје.
„Трамп мора да запомни дека постои договор што мора да се почитува од двете страни, и тоа е единствениот начин да се вратат затворениците“, рече тој.
„Јазикот на закани нема вредност и само ги комплицира работите“.
Хамас вчера соопшти дека повеќе заложници нема да бидат ослободени до понатамошно известување.
Групата - која е означена како терористичка организација од САД и неколку други земји - го обвини Израел дека го одложува враќањето на раселените Палестинци во северниот дел на Газа, иако стотици илјади се вратија.
Хамас, исто така, рече дека Палестинците биле цел на „воздушни напади и истрели низ различни области“ и рече дека Израел не успеал „да го олесни влезот на хуманитарна помош како што е договорено“.
Официјален претставник на Обединетите нации (ОН), рече дека 12.600 камиони со хуманитарна помош влегле во Газа од почетокот на прекинот на огнот и дека непосредната закана од глад исчезнала.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац рече дека секое одложување на Хамас би било „целосно кршење“ на договорот за прекин на огнот.
Тој ја постави израелската војска на највисоко ниво на готовност.
Откако стапи на сила прекинот на огнот минатиот месец, Хамас ослободи 21 заложник, а Израел ослободи повеќе од 730 затвореници.
Следната размена беше закажана за в сабота, при што уште тројца Израелци треба да бидат ослободени во замена за стотици палестински затвореници во Израел.