Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека сака Соединетите држави да го преземат управувањето со Газа, надминувајќи ги неговите претходни изјави за принудување на Палестинците во уништената енклава да се преселат во соседните Јордан и Египет.
„САД ќе го преземат Појасот Газа, а ние, исто така ќе соработуваме со него“, рече за време на заедничката прес-конференција со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Белата куќа.
Во последните денови, стотици илјади Палестинци во јужните делови на Газа маршираа на север кон своите домови, откако Израел им дозволи на луѓето да се вратат како дел од договорот за прекин на огнот за ослободување на заложниците со Хамас.
Трамп рече дека сака да ја развие областа во она што тој го нарекува „ривиера на Блискиот Исток“.
„Сите со кои разговарав ја сакаат идејата Соединетите Држави да го поседуваат тоа парче земја, да развиваат и отвораат илјадници работни места со нешто што ќе биде прекрасно, во навистина прекрасна област“, рече тој.
Нетанјаху рече дека една од неговите воени цели е да обезбеди Хамас никогаш повеќе да не претставува закана за Израел. Но, Трамп, рече Нетанјаху, „го носи на многу повисоко ниво“.
„Мислам дека тоа е нешто што може да ја промени историјата“, додаде тој.
Трамп не сподели детали за тоа како планира да изврши контрола врз областа опустошена од 15 месеци војна, но не ја исклучи можноста за испраќање американски војници.