Претседателот Трамп нареди повлекување на САД од Советот за човекови права на Обединетите нации, дополнително суспендирање на финансирањето на Aгенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци (УНРВА) и ревизија на американското учество во УНЕСКО.
За време на неговиот прв мандат, од 2017 до 2021 година, Трамп го суспендираше и финансирањето на УНРВА, наведувајќи дека е неопходно Палестинците да се согласат да ги продолжат мировните преговори со Израел.
Тој повика и на реформи во Aгенцијата, но не прецизираше, кои.
Првата администрација на Трамп, исто така, се повлече од 47-члениот Совет за човекови права на половина пат од тригодишниот мандат на Америка на телото поради, како што рече, пристрасност кон Израел и недостаток на реформи.
САД во моментов не се членка на Советот, чие седиште е во Женева.
За време на поранешниот претседател Џо Бајден, американскиот мандат во Советот беше од 2022 до 2024 година.
Работната група на Советот треба да ги разгледа човековите права во САД подоцна оваа година, процес низ кој поминуваат сите земји на секои неколку години.
Одлуките на Советот не се правно обврзувачки, но дискусиите пред тоа тело имаат политичка тежина и критиките може да доведат до зголемен глобален притисок врз одредени влади да го променат курсот.
Откако повторно ја презеде функцијата на 20 јануари, Трамп им нареди на САД да се повлечат од Светската здравствена организација (СЗО) и од Парискиот климатски договор - нешто што го направи и за време на неговиот прв мандат.
САД беа најголемиот придонесувач на Агенцијата на ОН за помош на Палестинците - од 300 до 400 милиони долари годишно - но Бајден го прекина финансирањето во јануари минатата година, откако Израел обвини околу 12 вработени во агенцијата за учество во смртоносниот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, што ја предизвика војната во Газа.
Американскиот Конгрес тогаш формално го суспендираше финансирањето на УНРВА најрано до март оваа година.
Агенцијата обезбедува помош, како и здравствени и образовни услуги за милиони Палестинци во Газа, Западниот Брег, вклучително и Источен Ерусалим, Сирија, Либан и Јордан.