29 години од Сребреница, САД осудија негирање на геноцид

  • VOA

Оваа фотографија e направена на 16 мај 2024 година на меморијалните гробишта Сребреница-Поточари

Американскиот народ му се придружува на народот на Босна и Херцеговина во сеќавање и жалење на повеќе од 8.000 мажи и момчиња кои беа убиени во јули 1995 година, соопшти Стејт департментот по повод 29 години од геноцидот во Сребреница.

Денеска се одбележува и првиот Меѓународен ден на комеморација на геноцидот во 1995 година во Сребреница, неодамна одреден од Обединетите нации да се одбележува секоја година на 11 јули, во знак на сеќавање на оние чии животи беа скратени.

„На овој свечен ден, соодветно е да решиме да го осудиме негирањето на геноцидот и повторно да се посветиме на работата низ меѓународната заедница за да ги спречиме идните масовни злосторства“, изјави Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.

Амбасадорот на САД во Босна и Херцеговина Мајкл Марфи и заменикот на амбасадорот за глобална кривична правда Дејвид Мендел-Ентони, денеска се во Сребреница за да им оддадат почит на жртвите и да поттикнат помирување.

„САД ќе останат постојан партнер на народот на Босна и Херцеговина бидејќи тие бараат посветла и поправедна иднина“.

Геноцидот во Сребреница е најголемото воено злосторство по Втората светска војна во Европа.

Со комеморацијата во Меморијалниот центар во Поточари денес се одбележуваат 29 години од геноцидот извршен во јули 1995 година врз бошњачкото население во тогашната заштитена зона на ОН во Сребреница, на далечниот исток на Босна и Херцеговина.