Линкови за пристапност

Младиќ осуден на доживотен затвор за геноцид


Меѓународниот трибунал за воени злосторства пресуди дека поранешниот командант на војската на босанските Срби е виновен за геноцид, воени злосторства и злосторства против човештвото

Меѓународниот трибунал за воени злосторства на Обединетите нации донесе одлука дека поранешниот командант на војската на босанските Срби, Ратко Младиќ е виновен за геноцид, воени злосторства и злосторства против човештвото што се случиле за време на конфликтот во поранешна Југославија, во текот на 1990-тите години.

Судот го осуди Младиќ по 10, од 11-те обвиненија, вклучително прогон, истребување, убиства, депортација, терор и незаконски напади врз цивили. Тој е осуден на доживотен затвор.

„Извршените злосторства се меѓу најекстремните во човештвото и вклучуваат геноцид и истребување како и злосторства против човештвото“, рече судијата Алфонс Ори при читањето на пресудата.

Судот рече дека Младиќ имал намера да ја уништи популацијата на босанските муслимани во Сребреница, а во Сараево лично раководел со кампањата за гранатирање и снајперистички напади, со цел да ширење на теророт и убивање на цивили.

Исто така се наведува неговото барање за етнички хомогена српска република во Босна.

Младиќ се појави во судницата, но не беше присутен кога Ори ја прочита пресудата. Тој побара пауза за тоалет, која му беше дадена во траење од пет минути, но беше продолжена на 45 минути. Кога продолжи постапката, неговиот адвокат изјави дека крвниот притисок на Младиќ е опасно висок и побара од судијата да престане со читањето на пресудата или да прескокне до судската одлука.

Ори рече дека постапката ќе продолжи како што било планирано, при што Младиќ започна да вика на глас, и беше наредено да биде отстранет од судницата.

Шефот за човекови права на ОН, Зеид Раад Ал Хусеин ја поздрави одлуката на судот како „значајна победа на правдата“ и „олицетворение на она за што се залага меѓународна правда“.

„Денешната пресуда е предупредување до сторителите на ваквите злосторства дека нема да ја избегнат правдата, без разлика колку се моќни, ниту колку долго време ќе треба правдата да стаса“ рече Зеид во изјавата.

Младиќ, познат како „касапот на Босна“, е последниот поранешен воен лидер кој се соочи со обвиненија за воени злосторства во судот, кој беше формиран за да справување со последиците од војната во Босна и Херцеговина што траеше од 1992 до 1995-та година.

Тој беше обвинет по 11 точки, за геноцид, воени злосторства и злосторства против човештвото за неговата наводна улога во водењето на снајперска кампања во Сараево и убиствата на повеќе од 8.000 муслимански мажи и момчиња во Сребреница во 1995-та година, најлошиот масакр во Европа по Втората светска војна.

Обвинителите побараа од Меѓународниот трибунал за воени злосторства да го осуди Младиќ на доживотен затвор. Минатата година, адвокатот Алан Тиегер рече дека пресуда помала од доживотен затвор би било „навреда за жртвите, живите, мртвите и навреда за правдата“.

Адвокатот на Младиќ, Драган Иветиќ рече дека обвинителите се обидуваат од поранешниот генерал да направат „симболично жртвено јагне за вината“ на сите Срби за време на војната. Тој побара Младиќ да биде ослободен од сите обвиненија.

На крајот од војната, во 1995-та година, Младиќ се криеше и живееше во Србија, заштитен од семејството и од елементите од безбедносните сили.

Младиќ беше обвинет за геноцид и злосторства против човештвото, но ја избегнуваше правдата 16 години. Тој беше пронајден и уапсен во куќата на негов братучед во северна Србија во 2011-та година.

Политичкиот лидер на босанските Срби, Радован Караџиќ, беше прогласен за виновен за воени злосторства во март 2016-та година и беше осуден на 40 години затвор.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG