Европските лидери се собраа на самит во Велика Британија, повикувајќи на единство во нивната поддршка за Украина во војната против Русија, додека претседателот на Украина го критикуваше унгарскиот премиер Виктор Орбан за неговата средба со рускиот претседател Владимир Путин на почетокот на овој месец во Москва.
Британскиот премиер Кир Стармер го отвори Самитот на Европската политичка заедница со повик до Европа да ја потврди својата поддршка за Украина и да се обедини против руската агресија.
„Бидејќи заканата од Русија стигнува низ Европа, многу од нас видоа напади врз сопствената демократија. Луѓе таргетирани на нашите улици. Воени авиони влегуваат во нашиот воздушен простор. Бродови кои патролираат на нашите крајбрежја“, рече тој, додавајќи:
„Ова е моментот сите да направиме повеќе“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, клучен гостин на самитот, говореше набргу потоа, пофалувајќи ја европската поддршка за Украина, велејќи:
„Путин не може да одржи односи со вистински силни лидери. И ова е нашата предност“.
Но, Зеленски предупреди: „Останува предност само додека сме обединети“.
Зеленски, без да го спомене премиерот Орбан по име, ја повика неодамнешната посета на унгарскиот лидер на Москва.
„Ако некој во Европа се обиде да ги реши прашањата зад грб, па дури и на сметка на некој друг“, рече Зеленски, „ако некој сака да патува во главниот град на војната за да разговара и можеби да вети нешто против нашите заеднички интереси или на сметка на Украина или други земји, зошто тогаш да земеме предвид таков човек?“.
Унгарија го презеде ротирачкото претседателство со Европската Унија на први јули, а на петти јули Орбан отпатува за Москва, каде што се сретна со Путин на, како што рече, „мировна мисија“.
Орбан го посети и Киев, каде што се сретна со Зеленски и отпатува во Пекинг и САД, каде што се сретна со поранешниот американски претседател Доналд Трамп.
На самитот во Британија присуствува и Орбан.
При пристигнувањето, тој им рече на новинарите дека ја поддржува Украина, но додаде дека не верува оти Украина може да ја победи Русија и дека конфликтот не може да се реши на бојното поле.
Тој рече дека поддржува прекин на огнот и преговори за ставање крај на војната.
Пред средбата, на својата официјалниот профил на Икс, Зеленски рече дека додека е во Британија, ќе одржи посебен состанок со Стармер и „ќе потпишат меѓувладин договор за поддршка на украинскиот одбранбен и индустриски комплекс“, како и дека разговараат за идната одбранбена соработка. Зеленски рече дека ќе се сретне и со кралот Чарлс.
Пред состанокот, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, денес рече дека новата команда на Алијансата за координација на воената помош и обука на војската на Украина, која ќе биде лоцирана во Германија, ќе биде оперативна во септември.
Командата ќе ја предводи генерал со три ѕвезди со тим од 700 лица.
Лидерите на НАТО се согласија на Самитот претходно овој месец да ги започнат напорите, со цел подобро да ги координираат напорите за помош на Украина и да ја направат таа помош попредвидлива.
Дописникот на Гласот на Америка за национална безбедност Џеф Селдин придонесе за овој текст. Дел од информациите се од АП и Ројтерс