Безбедност, зајакнување на демократиите од надворешни влијанија, енергетско поврзување, справување со дезинформациите и манипулациите – ова се главните точки за кои денеска разговараше врвот на Европа кој се собра во Велика Британија на четвртиот самит на Европската политичка заедница. Клучното прашање за кое дебатираа лидерите на речиси 50 земји беше Украина.
„Мора да продолжиме да ја поддржуваме Украина, сигурен сум дека лидерите за тоа ќе зборуваат за да се дојде до мир, но не каков било мир, не мир кој ќе дојде како резултат на предавање на Украина, туку мир темелен на меѓународното право и почитување на териотријалниот интегритет на Украина“, изјави Јосеп Борел, висок претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика.
На денешниот собир кој се случува само една седмица по НАТО - Самитот во Вашингтон на кој беше потврдена натамошната поддршка за Украина, беше обелоденет нов чекор на Алијансата – формирање команда за координација на таа асистенција.
„Сојузниците ја засилуваат поддршката за Украина – се согласивме да воспоставиме команда за координација и овозможување помош и обука за Украина. Денеска потврдувам дека оваа команда ќе стане оперативна во септември, ќе биде сместена во Германија, ќе брои 700 луѓе. Денеска зборуваме и за тоа како да ги одбраниме нашите демократии и од надвор и одвнатре. Гледаме шема на руски непријателки активности против членки на НАТО преку сајбер-напади, саботажи, дезинформации, и сега преземаме мерки против тоа“, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
Домаќинот на Самитот, новиот британски премиер, регионот на Западен Балкан го посочи како една од главните мети на руското влијание.
„Заедно ќе се соочиме со агресијата на овој континент зашто заканата од Русија е насекаде низ Европа. Многумина од нас видоа напади на нашите демократии... Во Молдавија и на Западен Балкан заканата е уште поакутна“, рече британскиот премиер Кир Стармер.
Земјава на собирот ја претставува премиерот Христијан Мицкоски кој се сретнал со украинскиот претседател Володимир Зеленски – потврдил дека поддршката останува.
„На средбата ја потенцирав недвосмислената поддршка на Македонија кон Украина и украинскиот народ и посочив дека и во иднина можат да сметаат на нашето пријателство. Македонија и македонскиот народ се хумана нација и сочувствуваат во овие тешки историски предизвици и несогледливи последици“, објави Мицкоски по средбата со Зеленски.
Европската политичка заедница е иницијатива на францускиот претседател Макрон од 2022 година како начин за зајакнување на дијалогот, соработката и зајакнување на безбедноста и стабилноста на Европа.