Пред билатералната средба на самитот на НАТО во Вашингтон, претседателот на САД Џо Бајден му рече на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека САД ќе продолжат да ја поддржуваат Украина.
„Ќе останеме со вас, точка“, му кажал Бајден на Зеленски. Тој, исто така, кажал дека САД ќе објават ново оружје за Украина.
Пред средбата со Бајден, Зеленски рече дека не може да предвиди што ќе направи Доналд Трамп доколку ја преземе претседателската функција во ноември.
Зеленски, говорејќи во Вашингтон додека светските лидери се собраа на Самитот, рече дека се надева оти Трамп нема да се повлече од 75-годишната НАТО Алијанса и оти САД ќе продолжат да ја поддржуваат Украина во нејзината одбрана од руската инвазија.
Лидерите на НАТО ќе го завршат Самитот во Вашингтон денес со јасен фокус на поддршката на Украина и спротивставување на, како што велат сојузниците, растечката закана што Русија ја претставува за Европа, како што американскиот претседател Џо Бајден се соочува со зголемени повици од членовите на неговата Демократска партија да се откаже од неговата повторна изборна трка.
САД вчера соопштија дека во 2026 година ќе почнат да распоредуваат ракети со поголем дострел во Германија, најмоќното американско оружје што ќе биде базирано на европскиот континент од Студената војна.
Во декларацијата на НАТО се вели дека сојузниците ќе обезбедат најмалку 40 милијарди евра (43 милијарди долари) воена помош за Украина во текот на следната година, иако тие не ја исполнија повеќегодишната обврска што Столтенберг ја побара.
Членките на НАТО, исто така, ветија дека ќе продолжат да ја поддржуваат Украина „на нејзиниот неповратен пат кон целосна евроатлантска интеграција, вклучително и членство во НАТО“.