Европската Унија денес воведе нови санкции против Русија за нејзината војна против Украина, насочени кон земјите каде што бизнисите наоѓаа начини како да ги заобиколат претходните санкции за да продолжат да тргуваат со Русија, ефикасно поддржувајќи ја 16-месечната инвазија на претседателот Владимир Путин.
27-члената ЕУ претходно воведе 10 рунди санкции против руски компании, додека ги замрзна средствата и воведе забрани за патување на повеќе од 1.000 службеници.
Новите санкции имаат за цел да ги спречат клучните материјали и стоки поврзани со војната да стигнат до Русија преку земјите кои тргуваат со ЕУ, но исто така одржуваат односи со Москва како и обично.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, шефица на извршната власт на ЕУ, рече дека новите санкции „ќе ѝ нанесат дополнителен удар на воената машина на Путин со заострените извозни ограничувања, насочени кон ентитетите кои го поддржуваат Кремљ“.
„Нашата алатка против заобиколување ќе ја спречи Русија да дојде до санкционирани стоки“, рече таа.
Покрај санкциите против Иранците за кои се тврди дека и доставуваат беспилотни летала на Русија, ова е првпат ЕУ да ја таргетира трговијата преку други земји.
Новиот пакет, исто така, ќе таргетира 71 поединец и 33 субјекти во врска со нелегалната депортација на украински деца во Русија.
Вклучена е и забрана за пристап до пристаништата во ЕУ од бродови кои вршат трансфер од брод на брод кога постои сомневање дека бродот не ја почитува забраната за увоз на руска сурова нафта и нафтени деривати.
Руското министерство за одбрана денес соопшти дека нејзината воздушна одбрана соборила три беспилотни летала во областа на Москва.
Русија соопшти дека беспилотните летала биле дел од украински напад и дека два од дронови биле пресретнати додека се приближувале до воените магацини.
Украина ретко коментира за напади во Русија.
Украинската војска соопшти дека соборила шест беспилотни летала Шахед од иранско производство над регионот Хмелницки во западна Украина.
Русија користи чести напади со беспилотни летала како дел од нејзиниот воздушен напад врз цели во Украина откако ја нападна земјата во февруари 2022 година.
Украина соопшти дека соборила 32 од 35 беспилотни летала во руски напад во вторникот.
Дел од информациите во текстот дојдоа од АП, агенцијата Франс- прес и Ројтерс