Линкови за пристапност

Вучиќ негира дека ѝ продавал воена опрема на Украина


Нема документ што може да го докаже тоа, рече српскиот претседател
Нема документ што може да го докаже тоа, рече српскиот претседател

Србија никогаш не продавала оружје или муниција на Украина или Русија, иако српското оружје можеби стигнало на бојното поле преку трети земји, изјави претседателот Александар Вучиќ.

Тој зборуваше еден ден откако Ројтерс објави дека според доверливиот документ на Пентагон, Белград се согласил да испорача оружје на Киев, кој се бори против руската инвазија, или веќе го испратил.

„Србија не извезувала и нема да извезува оружје во Украина“, им рече Вучиќ на новинарите, додавајќи дека нема да извезува оружје или муниција во Русија, нејзиниот традиционален сојузник.

„Нема документ што може да го докаже тоа“, рече тој.

Документот што го виде Ројтерс, беше меѓу десетиците доверливи документи објавени на интернет во последниве недели, што може да биде најсериозното протекување на американските тајни во последните години.

Ројтерс не можеше независно да ја потврди автентичноста на документите.

Србија го наследи најголемиот дел од воено-индустриските капацитети на поранешна Југославија и заработи милијарди долари од извозот на оружје. Вучиќ рече дека балканската земја ќе продолжи да инвестира во своите одбранбени капацитети.

Тој понатаму рече дека е „сосема сигурен“ дека српската муниција ќе се појави „на едната или на другата страна на бојното поле“ во Украина, откако ќе биде извезена во Турција, Шпанија или Чешка.

Во средата, српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ и министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ, исто така, ја отфрлија содржината на објавените разузнавачки информации како невистинити.

Документот на Пентагон покажа дека Србија одбила да обезбеди обука за украинските сили, но се обврзала да испрати помош или веќе ја доставила.

Исто така, се вели дека Србија има политичка волја и воена способност да ѝ обезбеди оружје на Украина во иднина.

Владата на Вучиќ вели дека е неутрална во војната во Украина и долго време се обидуваше да ги балансира историски блиските односи со Москва и нејзината цел да се приклучи на Европската Унија.

Иако Србија постојано ја осудуваше руската инвазија во Обединетите нации и на други меѓународни форуми, таа досега одбиваше да се приклучи на западните санкции против Москва.

Белград, исто така, ја признава Украина како независна држава во целост, додека Киев одбива да ја признае независноста на Косово, поранешна јужна покраина на Србија, претежно со етнички Албанци.

Извор: Ројтерс

XS
SM
MD
LG