Болниците во Газа престануваат да функционираат, вели СЗО

  • Лиса Шлаин

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека воената операција ќе продолжи на почетокот на Рамазан за три недели доколку Хамас не ги ослободи заложниците

Светската здравствена организација (СЗО) предупредува дека здравствениот систем на Газа виси на конец бидејќи здравствените установи низ палестинската енклава престануваат да функционираат, ограничувањата за пристап се зголемуваат, медицинските резерви се намалуваат и се намалува другата хуманитарна помош од суштинско значење за грижата за пациентите.

Болницата Насер во Газа во Кан Јунис, каде што е во тек израелската воена операција, е меѓу последните таргети.

СЗО, заедно со Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања и Палестинската црвена полумесечина, неодамна спроведоа високоризична мисија во медицинската установа за да донесат гориво и други основни материјали и да ги евакуираат пациентите во опасност.

„Трансферот на пациентите беше побаран од болничкиот персонал откако установата стана нефункционална по воениот напад на 14 февруари, по еднонеделна опсада“, рече денес СЗО.

„Слабите и изнемоштени пациенти беа префрлени среде активен конфликт во близина на хуманитарниот конвој. Условите на патиштата го попречија брзото движење на амбулантите, ставајќи го здравјето на пациентите во натамошен ризик“, велат оттаму.

Рик Пиперкорн, претставник на СЗО за окупираната палестинска територија, кој беше дел од медицинскиот тим, рече дека тридневната мисија била попречена на секој чекор од воениот персонал околу комплексот.

Во телефонското интервју од Каиро во понеделникот, Пиперкорн изјави за Гласот на Америка дека неговиот тим неколку пати побарал пристап до болницата за да разговара со персоналот, „да направи брза медицинска проценка, да планира медицинска евакуација и да ги префрли пациентите кога е потребно“.

Тој рече дека на тимот не му бил дозволен пристап во првите два дена, но добил пристап до болницата на третиот ден.

Тој рече дека тимот успеал да префрли 14 критични пациенти, заедно со двајца пациенти со придружници, во четири други болници во областа.

СЗО проценува дека 130 болни и повредени пациенти и најмалку 15 лекари и медицински сестри остануваат во болницата.

Пиперкорн ги опиша условите во болницата како тешки и влошени.

Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања известува дека ситуацијата во болницата Ал Амал, исто така, во Кан Јунис, е критична, по четиринеделната опсада од страна на израелската војска.

Залихите на храна, наводно, се речиси исцрпени, а резервите на гориво се намалуваат.

Друг сериозен проблем е неисхранетоста. Заедничкиот извештај на СЗО, УНИЦЕФ, Светската програма за храна, објавен во понеделникот, предупредува дека „наглиот пораст на неисхранетост кај децата и бремените жени и доилките во појасот Газа претставува сериозна закана за нивното здравје“.

Откри дека 15% или едно од шест деца под 2-годишна возраст е акутно неисхрането.

Пиперкорн забележува дека пред израелската инвазија на Газа, по бруталниот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври, во кој беа убиени 1.200 луѓе, а 240 беа земени како заложници, „неисхранетоста никогаш не била проблем во Газа“, додавајќи дека во моментов, особено на север „гледаме неверојатно загрижувачки случаи на неисхранетост кај децата“.

Дополнително е и стравот од воен напад на Израел на Рафа во јужниот дел на Газа, каде што 1,5 милиони луѓе живеат во пренатрупани, нехигиенски услови.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека воената операција ќе продолжи на почетокот на Рамазан за три недели доколку Хамас не ги ослободи заложниците.

„Стравот е она што го читам во очите на сите луѓе, вклучително и во мојот национален персонал и нивните семејства“, изјави Пиперкорн за Гласот на Америка.

„Како и сите други во Газа, тие беа принудени да се преселат четири, пет, шестпати, принудени да бегаат од северната и средната област во таканаречената побезбедна област на југ“.

„Нема безбедно место во Газа. Во Рафах има околу 1,5 милиони луѓе. Каде одат овие луѓе? Нема каде да се оди“, рече тој.