Блинкен има кредибилни информации за корупција, Јакимовски ја злоупотребил функцијата за лична корист, вели Стејт департментот

Акциите како овие се во согласност со приоритетот на администрацијата за борба против корупцијата на глобално ниво, изјавија за Гласот на Америка на македонски од прес-службата на Стејт департментот

Стевчо Јакимовски ја злоупотребил својата јавна функција со мешање во јавните процеси, кои се однесуваат, меѓу другото, на јавни набавки и урбанистичко планирање, за лична корист и во корист на неговите соработници, изјавија за Гласот на Америка на македонски од прес-службата на Стејт департментот, на барањето да ја искоментираат изјавата на Јакимовски оти одлуката на САД да го стават на црна листа е „мешање на странски разузнавачки служби во изборот на претседател на државата“.

„ Делот 7031(c) предвидува дека функционерите на странски влади за кои државниот секретар има кредибилни информации за директна или индиректна вмешаност во значителна корупција или грубо кршење на човековите права, не се подобни за влез во САД“, изјавија од Стејт департментот.

Функцијата државен секретар на САД сега ја извршува Ентони Блинкен.

САД вчера ги санкционираа градоначалникот на Општина Карпош и претседателски кандидат Јакимовски, како и поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, заедно со членови на нивните потесни семејства, за вклученост во коруптивни дела, поткопување на владеење на правото и довербата на јавноста во демократските институции.

На нив им е забранет влез во САД.

„Акциите како овие се во согласност со приоритетот на администрацијата за борба против корупцијата на глобално ниво“.

САД најавија дека ќе продолжат да ги користат сите достапни алатки за борба против корупцијата и промовирање на почитувањето на човековите права во Северна Македонија и Западен Балкан како целина.

„Јавните ознаки под овластувањата како што е Делот 7031(c) промовираат одговорност за владините функционери кои се впуштаат во корупција или вршат груби прекршувања на човековите права, ја спречуваат идната злоупотреба и се борат против неказнивоста“, изјави Стејт департментот за Гласот на Америка на македонски.

Јакимовски најави кривична пријава против непознат сторител. Јанева, пак, отслужува затворска казна од седум години за случајот „Рекет“.

Поради вмешаност во значителна корупција, САД во текот на изминативе две години, ги санкционираа поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, градоначалникот на Струга Рамис Мерко, Ратка Камчева, Сергеј и Ирина Самсонеко и фирми, Орце Камчев, поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков.

Претседателот Џо Бајден на почетокот на мандатот донесе извршна наредба, согласно која, на црна листа ќе се ставаат лицата кои директно или индиректно се одговорни за поткопување на демократските процеси или институции на Западен Балкан, вклучително за корупција и прекршување на човековите права.

Согласно предложените измени на Законот за рестриктивни мерки, пак, правните акти на САД и Обединетото Кралство ќе бидат валидна основа за ставање на лица или компании на домашниот список на санкции.