Блинкен денес патува во Египет и ќе разговара за прекин на огнот во Газа

  • VOA

Од пристигнувањето на државниот секретар Ентони Блинкен во Тел Авив, 16 октомври 2023 година

Израел денес објави дека ја проширил својата војна против Хамас за да ја вклучи целта да им овозможи на жителите на северен Израел да се вратат во домовите што ги евакуирале поради судирите меѓу израелските трупи и милитантите на Хезболах долж границата меѓу Израел и Либан.

Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека безбедносниот кабинет го одобрил потегот доцна во понеделникот.

Хезболах, сојузник на Хамас, ги започна своите речиси секојдневни напади веднаш по почетокот на војната во Газа, принудувајќи десетици илјади луѓе да ги напуштат своите домови.

Хезболах, кој како и Хамас е поддржан од Иран, рече дека ќе ги запре нападите доколку има договор за прекин на огнот во Газа.

Напорите за постигнување на тој прекин на огнот траат со месеци, при што претставниците на САД, Египет и Катар се обидуваат да најдат услови што ќе бидат прифатливи и за Израел и за Хамас.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денес патува за Египет во услови на тековни напори за ангажирање на клучните регионални партнери на Блискиот Исток за да се претстави ревидиран предлог за прекин на огнот.

Портпаролот на Стејт департментот Метју Милер, изјави за новинарите во понеделникот:

„Ние продолжуваме да се ангажираме со нашите партнери во регионот, особено со Египет и Катар, за тоа што ќе содржи тој предлог, и да се увериме или да се обидуваме да видиме дека тоа е предлог што може да го добие страните на конечниот договор“.

САД не дадоа распоред за ревидираниот предлог, иако официјални лица посочија дека тој ќе биде претставен наскоро.

Предлогот се обидува да ги реши клучните прашања зад ќор-сокакот, со цел да се обезбеди примирје меѓу Израел и Хамас и ослободување на преостанатите заложници земени од милитантите на Хамас на почетокот на војната на 7 октомври 2023 година.

Во Каиро, Блинкен ќе копретседава со египетскиот министер за надворешни работи на отворањето на стратешкиот дијалог меѓу САД и Египет.

Блинкен, исто така, ќе се сретне со египетските лидери за да разговараат за напорите за обезбедување на прекин на огнот во Газа, за ослободување на сите заложници, за ублажување на страдањата на палестинскиот народ и за промовирање на пошироката регионална безбедност, според Милер.

Сепак, патувањето на Блинкен не вклучува застанување во Израел за разговори со неговите лидери.

Блинкен вчера се сретна со Јаир Лапид, лидер на израелската опозиција и поранешен премиер.

По состанокот во Стејт департментот, Лапид им рече на новинарите дека на Израел му треба договор за заложници и крај на војната во Газа, нагласувајќи дека ниту еден политички процес или турбуленции не треба да влијаат на договорот.

Лапид ги повика САД да не му дозволат на Хамас „да го прекине договорот за заложници“.

„Израел како нација нема да заздрави доколку не ги вратиме [преостанатите заложници] дома. Ова е од суштинско значење за нашето постоење“, рече Лапид.

Во израелската контраофанзива во Газа загинаа повеќе од 41.200 Палестинци, а бројот на загинати Израел вели дека вклучува неколку илјади милитантни борци.

Хамас е прогласен за терористичка група од САД, Велика Британија, ЕУ и други западни земји.

Дописничката од Стејт департментот на Гласот на Америка Најки Чинг, дописничката од ОН Маргарет Бешир, Ким Луис и Наташа Мозговаја придонесоа за текстот