Габриел Ескобар, заменик-помошник државен секретар на САД задолжен за Западен Балкан, вели дека идејата за Европа е многу жива во регионот, а она што малку изгубило кредибилитет е бирократијата на ЕУ за проширување.
Ескобар, на конференција во Вашингтон, организирана од економскиот форум „Делфи“, кажа дека граѓаните ги ризикуваат животите за да бидат дел од ЕУ.
„Ве молам, не дозволувајте кој било да ви каже дека Европската Унија ја изгубила довербата кај народот. Луѓе ги ризикуваат животите за да отидат во ЕУ“, рече Ескобар, посочувајќи го конкретно примерот на Украина.
Според него, идејата за Европа е магнет за балканскиот регион. „Она што изгуби малку кредибилитет e бирократијата за проширување, но идејата е сè уште многу присутна“.
Земјите од Западен Балкан се културно, историски и економски – европски, смета тој, но, вели дека постои одредена политичка дисфункција во некои од земјите, и „цинизам што го создаваат некои од лидерите“.
Ескобар вели дека е неопходен институционален развој во државите, независно од тоа дали пристапниот процес ќе доведе до членство во ЕУ на кус рок.
„Реформите создаваат реални придобивки за луѓето, особено во делот на антикорупцијата. Значи, сакаме повеќе Европа на Западниот Балкан“.
Верува дека нема друга опција за земјите од овој регион, освен европската интеграција.
„Значи, одговорот навистина е зајакнување на институциите во Западен Балкан. И од наша перспектива, не сме го изгубиле од вид фактот дека секоја земја што се приклучила на ЕУ е подемократска, постабилна и попросперитетна од кога било. И тоа е нашиот највисок стремеж за Западен Балкан. Населението во огромно мнозинство верува во тоа и тоа го знаеме затоа што кога ќе ги напуштат своите земји, не одат во Кина, тие не одат во Русија, во Саудиска Арабија или Емиратите. Тие одат во Европа“.
Ангелина Ајхорст, директорка при Европската служба за надворешни работи, рече дека сите 27 земји-членки на ЕУ се подготвени да го забрзаат проширувањето.
„Секојпат кога го посетувам регионот сѐ повеќе луѓе ми велат, знаете, дали навистина ќе бидеме членка на Европската Унија? И зошто не можеме да имаме датум? Зошто не можеме да се движиме побрзо“, рече таа.
Кажа дека по војната во Украина, бил зголемен фокусот кон интеграција на Западниот Балкан во ЕУ.
„Не се работи само за стабилизација. Навистина е за напредок“.
Министерот за финансии на Бугарија Асен Василев, пак, на темата за пристапување на земјите од Западен Балкан во ЕУ, кажа дека има јасни договор и процес за членството на Северна Македонија, и оти државата тоа треба да го исполни, а Бугарија нема да додаде дополнителни услови.