Бајден нуди пат до државјанство на сопрузи на државјани на САД

Луѓе даваат заклетва за време на церемонија на натурализација, 15 февруари 2023 година, во Сан Диего, Калифорнија

Претседателот Џо Бајден денес го објави еден од најголемите напори за легализација во поновата историја, кој нуди пат до државјанство на стотици илјади недокументирани имигранти во САД кои се во брак со државјани на САД.

Потегот во изборната година е во остар контраст со планот на неговиот републикански ривал Доналд Трамп за масовни депортации.

„Можеме да го поправиме тоа. И тоа е она што ќе го сторам денес“, рече Бајден на настан во Белата куќа, осврнувајќи се на неговите напори за легализација, додека беше опкружен со законодавци и застапници кои се залагаа за мерката.

„Чекорите што ги преземам денес имаат огромна поддршка од американскиот народ“.

Програмата ќе биде отворена за околу 500.000 сопрузи кои живееле во САД најмалку 10 години од 17 јуни, соопштија Белата куќа и американскиот Оддел за домашна безбедност.

Околу 50.000 деца под 21 година со родител државјанин на САД, исто така, ќе бидат подобни.

Претседателот Џо Бајден зборува за време на настанот по повод 12-годишнината од програмата ДАКА во Белата куќа, 18 јуни 2024 година, во Вашингтон (Фото: АП)

Бајден, демократ кој бара втор мандат на претседателските избори во ноември, ја презеде функцијата ветувајќи дека ќе ги смени многуте рестриктивни имиграциски политики на неговиот претходник Трамп, кој, исто така, сака да се врати во Белата куќа.

Но, соочен со рекордно ниво на апсења на мигранти на границата меѓу САД и Мексико, Бајден го заостри својот пристап во последните месеци.

На почетокот на овој месец, Бајден им забрани на повеќето мигранти кои ја преминуваат границата меѓу САД и Мексико да бараат азил, политика што ја отсликуваше сличната забрана за азил од времето на Трамп и наиде на критики од застапниците за имиграција и некои демократи.

Планираната програма за легализација на Бајден за сопрузи на американските граѓани би можела да ја зајакне неговата кампања дека поддржува похуман систем за имиграција и да покаже како се разликува од Трамп, кој долго време има тврд став и за легалната и за илегалната имиграција.

САД веќе обезбедуваат пат до државјанство за имигрантите кои се во брак со Американци и легално влегле во земјата со виза.

Но, во повеќето случаи, оние кои влегуваат нелегално мора прво да се вратат во својата земја со години пред да им биде дозволено да се вратат легално.

Новата програма ќе им овозможи на сопрузите и нивните деца да аплицираат за постојан престој без да ги напуштат САД, отстранувајќи го потенцијално долгиот процес и разделувањето на семејството.

Доколку добијат зелени карти, тие на крајот би можеле да аплицираат за американско државјанство.

Луѓето кои се сметаат за закани за јавната безбедност или кои имаат дисквалификувачка криминална историја нема да бидат подобни.

Имплементацијата ќе започне во наредните месеци и повеќето од веројатните корисници ќе бидат Мексиканци, изјавија високи претставници на администрацијата на Бајден на разговор со новинарите.

Мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор денес рече дека одлуката за регулација на миграцискиот статус на мексиканските семејства во САД е „многу добра вест“, поздравувајќи ја изјавата на Бајден за време на прес-конференција.

Бајден зборуваше на настан во Белата куќа поврзана со годишнината од програмата ДАКА.

Поранешниот претседател Барак Обама и тогашниот потпретседател Бајден ја започнаа програмата во 2012 година, уште еден голем напор за легализација што во моментов дава олеснување за депортација и работни дозволи на 528.000 луѓе донесени во САД како деца.