Очекувањата од идната администрација на Трамп кон Западен Балкан: Поинтензивни односи со регионалните лидери, но помал ангажман од САД

2025-та, ќе биде одлучувачка за Западен Балкан и неговата долгорочна евроатланска траекторија, велат експерти и поранешни виши официјални лица од балканските држави

Какво ќе биде влијанието на новата американска администрација кон регионот? Центарот за Европа при Атлантскиот совет во Вашингтон беше домаќин на јавен виртуелен панел кој понуди преглед на главните случувања што треба да се следат на Западен Балкан годинава.

Балканските земји се соочуваат со момент на геополитичка конвергенција и пресврт, со парламентарни избори во Косово во февруари и во Албанија во мај, зголемени студентски протести во Србија, триесетгодишнина од Дејтонскиот договор и доаѓање на новата американска администрација во Вашингтон.

Европејците ќе бидат повеќе одговорни за својата надворешна политика оваа година, наведуваат некои поранешни виши функционери од Балканот.

„Она што го очекувам од администрацијата на Трамп е мешавина од можеби поинтензивни лични односи со лидерите, но многу помала вмешаност во одвраќање или управување со кризи доколку некои тензии ескалираат, па Европејците ќе треба да го пополнат овој вакуум во време кога се поделени, вели Дитмир Бушати, поранешен министер на надворешни работи Албанија.

Тој предупреди дека во ЕУ веќе има внатрешна криза.

Ако има некаков вид на преговарачки или наметнат прекин на огнот долж линијата на фронтот во Украина, тоа ќе има реперкусии врз Западен Балкан со неговите неколку нерешени конфликти.
Дитмир Бушати, поранешен шеф на албанската дипломатија

„Во Франција ќе има предвремени избори. Во Германија ќе бидат потребни неколку долги недели, можеби два месеци, по изборите кон крајот на февруари, за да се формира нова влада. Најважно, што ќе донесе администрацијата на Трамп? Можна ли е нова динамика на дипломатијата околу војната во Украина? Ако има некаков вид на преговарачки или наметнат прекин на огнот долж линијата на фронтот во Украина, тоа ќе има реперкусии врз Западен Балкан со неговите неколку нерешени конфликти“, анализира Бушати.

Од регионот зависи - дали ќе биде предводник или кочничар на ЕУ интеграцијата

Главниот показател за сериозноста на Европската унија е проширувањето на ЕУ, смета Валбона Зенели, виш соработник од Центарот за Европа при Атлантскиот совет во Вашингтон.

„Проширувањето на ЕУ беше дел од разговорите во последните две години за геополитичката неопходност за Европската унија. Но, се плашам дека сега гледам некои дилеми, и од перспектива на ЕУ, и од регионална перспектива, и затоа верувам дека тоа ќе биде еден фактор што ќе ни покаже како ќе се движи процесот на проширување за регионот“, вели Зенели.

Ова е поврзано со агендата на лидерите во регионот.

„Или, регионот ќе продолжи да биде дел од проблемот, или тие ќе го променат начинот на размислување, а Западен Балкан може да стане дел од трансатлантските решенија, бидејќи трансатлантските односи, ќе бидат клучниот збор за 2025 година“, истакна оваа аналитичарка.

Иван Вејвода, постојан соработник и раководител на Студиите за европска иднина при Институтот за хуманистички науки, предупреди дека има драматичната демографска ситуација на регионот со пад на населението.

„Обично зборуваме за регион од 18 милиони. Верувам дека сме регион под 16 милиони. Сите наши земји се во пад. Верувам дека во мојата земја, Србија е под 6 милиони, иако официјалната бројка е поголема и имаме миграциски проток на имиграција од Индија, Непал, Турција луѓе кои пополнуваат работни места што ги оставиле заминатите лекари, медицински сестри, водоинсталатери, возачи на автобуси кои работат во Австрија, Германија и подалеку“, алармира Вејвода.

Зошто е важна интеграција во ЕУ?

„Затоа што мислам дека го спојува прашањето за потребата да ѝ се врати кредибилитетот на ЕУ во големата геополитичка слика со која сега се соочуваме. Ако можат да станат членки, една, две или три земји од регионот до 2028-2029-та, во блиска иднина може да им даде поттик на другите земјите. Ако успеат, тоа би било огромен поттик за луѓето во Србија, на пример, да прашаат: Па, зошто Црна Гора се движи напред, а зошто ние, не се движиме?“, анализира тој.

Наместо да ги поттикнуваат членките некои аспиранти да грабаат напред, ги сопнуваат и создаваат невозможни пречки, само да го земеме случајот со Бугарија и она што таа и го прави на Северна Македонија.
Иван Вејвода, експерт за Балканот

„Можеби сум идеалист со очекувањата, но толку многу би сакал да ги видам соседните земји, членките на НАТО и ЕУ, како се однесуваат на европски начин и ги поттикнуваат овие земји да грабаат напред, наместо да ги сопнуваат и создаваат невозможни пречки, само да го земеме случајот со Бугарија и она што таа ѝ го прави на Северна Македонија“, изјави Вејвода на панелот во Атлантскиот совет.

Најголемиот ризик би бил повлекувањето на САД од регионот

„Балканот е навикнат да гледа кон Американците како спроведувачи на безбедносниот периметар во регион, додека Европејците се алергични на употреба на сила. Сите сме сведоци на поинаква реалност дека Американците беа инструментални за решавање на одредени кризи во нашиот регион“, изјави Бушеми.

„Кога станува збор за администрацијата на Доналд Трамп, не треба да заборавиме дека под неговата администрација постигнавме два договори за пресвртница во нашиот регион, Договорот од Преспа, и договорот од Вашингтон за нормализација на економските односи меѓу Србија и Косово. Не знам дали новата администрација ќе ги надгради овие достигнувања, но секако се надевам дека нивното присуство во регионот ќе биде мотивирачки фактор и за пристапниот пат на нашиот регион во ЕУ“, нагласи поранешниот шеф на албанската дипломатија.

Аналитичарите навестуваат дека има голема нервоза во европските метрополи од враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа.

Најмногу, потенцираат, затоа што се очекуваат тензии во глобалната трговија, во време кога Кина навистина гледа на потребата за влез на единствениот пазар на ЕУ со своите електрични возила и прекумерно производство.

Европа не е во добра економска состојба. Германија, е веќе во рецесија, а изгледите за оваа година се дека е можен раст од 1% ако работите одат добро, но можеби рецесијата, ќе продолжи.

Европа е во тешка состојба, вклучително и цели сектори во индустрии како автомобилската индустрија, каде што бараат нов пазар, нов модел не само на производство, туку и на технологија. Европа чувствува дека технолошки, е зад не само САД, туку и Азија, сметат експертите во анализирањето на идните односи меѓу Вашингтон и Брисел.

Атлантскиот совет во Вашингтон организираше експертска дискусија која сугерираше дека регионалните лидери можат максимално да ја искористат 2025 година и да се справат со предизвиците.

Овој настан беше дел од Иницијативата #BalkansForward на Европскиот центар, која го промовира политичкиот и економскиот напредок на Западен Балкан преку евроатлантските интеграции.