Зборови на поддршка, но без да се понудат датуми за потенцијален влез на нови членки во Унијата – сумирано тоа е епилогот од Самитот ЕУ – Западен Балкан, прв откако европските институции добија нови раководства.
Лидерите на регионот ги слушнаа уверувањата дека местото на Западен Балкан е во Унијата и дека тоа е „геостратешка инвестиција во мирот и стабилноста“, но притоа, во финалната декларација, очекувано, не се понуди временска рамка во која може да се очекува прием на нови членки.
Новиот врв на Унијата го употреби терминот „нов моментум“ во проширувањето што земјите-кандидатки треба да го искористат и да напредуваат, како што се вели во декларацијата, врз основа на „веродостојни реформи и принципот на сопствени заслуги“.
Бриселските функционери порачаа дека се свесни за фрустрацијата која постои во регионот, особено поради случаите на блокирање на пристапните процеси поради билатерални несогласувања.
Билатерализацијата не е фер начин за справување со пристапувањето.Кошта, претседател со Европскиот совет
„Билатерализацијата не е фер начин за справување со пристапувањето, тоа треба да се избегне и лично сум ангажиран во обидите за надминување на овие билатерални проблеми зашто на проширувањето треба да се гледа како на многу важна геополитичка инвестиција.“, изјави Антонио Кошта, претседател на Еврипскиот совет.
„Моето искуство во изминатите години е дека од исклучителна важност да се вклучиме кога ќе дојде до овие блокади, да се најдат решенија, компромиси... Тоа дава резултати, понекогаш го забавува процесот, го знам тоа, но секогаш функционира.“, заклучи Урсула Фон Дер Лајен, претседателка на Европската комисија.
Северна Македонија не беше директно посочена во изјавите по Самитот. Својата позиција за ситуацијата со блокираното пристапување на земјава поради незавршените уставни измени за вметнување на Бугарите, ја повтори официјална Софија.
Од Бугарија како членка, плус Република Северна Македонија и нема веќе за што да преговараме, нашата позиција е непроменета.Главчев, технички премиер на Бугарија
„Конкретно за Северна Македонија, знаете... Имаме еден компромис, т.н компромис од 2022 година, компромис преземен од наша страна и тоа е веќе европски документ потпишан од сите земји-членки плус и од Бугарија како членка, плус Република Северна Македонија и нема веќе за што да преговараме, нашата позиција е непроменета.“, изјави техничкиот премиер на Бугарија Димитар Главчев.
Во Декларацијата се наведува дека „помирувањето, инклузивната регионална соработка и добрососедските односи се во сржта на Европската унија. Затоа е од суштинско значење меѓународните договори, меѓу кои Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, да се спроведуваат со добра волја и видливи резултати“, пишува во документот.
Премиерот кој и денеска е во Брисел каде учествуваше на Самитот на европските народни партии во изјава за Јавниот сервис МТВ, повтори дека не може да се очекува успех ако се планира да се разговара за идентитески прашања.
Замолив емотивните билатерални прашања да ги оставиме на страна и да ги читаме правилно договорите.Мицкоски, премиер на Северна Македонија
„Доколку билатералните разговори и преговори се донесуваат на идентитетските прашања, тогаш тука тој процес никако не може да заврши успешно, бидејќи е поврзан со емоцијата, а не со рационалното. Секој оној процес којшто е поврзан со емоцијата не може да биде процес којшто ќе се темели на напредок, на квалитет и на испорака на резултати. Затоа, замолив емотивните билатерални прашања да ги оставиме на страна и да ги читаме правилно договорите.“, оцени македонскиот премиер Христијан Мицкоски.
Македонија, засега, останува во чекалната. Албанија веќе го отвори вториот преговарачки кластер.