Скопје има очекувања од Брисел, но и Брисел има очекувања од Скопје. Така почна новата 2025 за македонските евроинтеграции кои, засега, тапкаат во место поради незавршените уставни измени. Шефот на дипломатијата денеска ги собра амбасадорите на земјите-членки за да ги пренесе надежите на новата влада.
„Се надевам и очекувам дека во 2025 година ќе направиме крупни чекори кон натамошно усогласување со европските стандаради и конечен почеток на процесот на преговори преку отворање на првите преговарачки области и поглавја“, вели министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски.
Дојде редот на претставниците на Брисел да кажат што Северна Македонија, покрај уставните измени, треба да испорача.
„Кога вложуваме напори во испорачување резултати докажуваме дека се е возможно. Се надевам дека оваа година нема да се однесува само на сечење ленти, туку и на напредок во процесот на пристапување. Имаме одлична платформа со која можеме да работиме, реформската агенда е одличен документ, но исто така содржи и важни елементи кои треба да се завршат во годината 2025. Го споменавте владеењето на правото – тоа е област од клучна важност. Реформата во правосудството, владеењето на правото и борбата против корупцијата ќе и овомзожи на Северна Македонија да направи голем исчекор напред, затоа што ќе се врати довербата. Тоа е нешто кое е навистина неопходно“, рече Михалис Рокас, амбасадорот на ЕУ.
Муцунски, пред амбасадорите на земјите-членки на ЕУ вклучувајќи го и бугарскиот, ја повтори тезата дека земјава направила тешки компромиси на европскиот пат и дека не може да се напредува преку, како што рече, билатерализација на процесот на проширување.
„Крајно време е да продолжиме по европскиот пат. Подготвени сме за дијалог во добра волја, и изнаоѓање на рационални решенија. Време е и Унијата да донесе стратегиска одлука за тоа како понатаму ќе се постапува со нашиот пример како своевиден лакмус за кредибилитетот на европската приказна во регионот и пошироко. Притоа патот напред не води преку константа билатерализација на пристапниот процес и условување со прашања кои имаат малку заедничко со сржта на Европската идеја и нејзините вредности. Напротив потребна е геополитичка одговорност и одлуки кои ќе зближуваат наместо да не делат“, рече Муцунски.
Состанокот во МНР доаѓа самo еден ден по настапот на новата еврокомесарка за проширување Марта Кос во Брисел во кој таа беше јасна што се очекува од Скопје.
„Се надеваме дека Македонија ќе ја исполни обврската за промена на Уставот и тогаш, сигурна сум, дека штом ќе почнеме да се движиме со Северна Македонија, исто така, и со поддршка на Бугарија ќе можеме да продолжиме на тој пат“, вели еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
Годинава се означува неславен јубилеј за европските интеграции на Северна Македонија – 20 години од добивањето на кандидатскиот статус, а се уште неотворени преговарачки поглавја. Последни во серијата услови се уставните измени.