Кина објави дека ќе го прошири безвизниот влез во уште девет земји, бидејќи се обидува да го поттикне туризмот и деловните патувања за заживување на забавената економија. Една од нив е Северна Македонија. Од регионот се и Црна Гора и Хрватска. Нивни државјани ќе може да влезат во Кина до 30 дена без виза, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи Лин Џијан.
Your browser doesn’t support HTML5
„За Кина ова е симболичен потег, со оглед на големината на земјата која нема голем економски потенцијал“, вели Кејтлин Деаринг Скот е директорка на Центарот за глобално влијание при ИРИ за борба против странско авторитарно влијание и стратегија.
Експертиза ѝ е растечката авторитарна експанзија и мешање од Пекинг и Кремљ.
„Кина демонстрира дека е отворена земја и активно негува врски со овие земји во време кога исто така ги засилува наративите против САД, НАТО, ЕУ низ целиот Западен Балкан. Ова секако изгледа како позиционирање на Пекинг како партнер во регионот, кој наводно е занемарен од меѓународната заедница“, коментира Кејтлин Деаринг Скот, директорка на Центарот за глобално влијание.
Политичкиот и економскиот отпечаток на Кина расте со трговските врски, заемите и инфраструктурните договори преку Иницијативата „Појас и пат“, вели Деаринг – Скот, додава дека потребна е поголема ангажираност од Вашингтон.
„САД треба да продолжат да ги поддржуваат вредностите што ги споделуваат жителите на Балканот и Америка, што вклучува владина транспарентност и одговорност, отпорност против непријателски странски разузнавачки информации и информации и операции, како и сузбивање на корозивните влијанија од Кина врз демократијата“, оцени Кејтлин Деаринг Скот од Центарот за глобално влијание во Вашингтон.
Идејата за привлекување се поголем број туристи и посетители кон Кина е да се врати во центарот на светската сцена. Целите на кинеските власти на Западен Балкан се исти како и на други места во светот, за подобрена перцепција за земјата и нејзиниот политички систем, но и да добие поддршка за приоритетни прашања во мултилатералните Форуми, нагласува Пол Мекарти, директор за Европа при Меѓународниот Републикански Институт, кој смета дека политичкиот вакуум што го остава ЕУ е опасен преседан.
„Западен Балкан беше држен настрана од Европската унија во долг и мачен процес на пристапување и не можеме да се игнорираме фактот дека Кина и Русија, а во некои случаи и Иран се наметнуваат на Западен Балкан, бидејќи регионот се држи, би го нарекол во „сива зона“. Кина ја користи оваа ситуација. Тоа го видовме најмногу на места како Србија, Црна Гора, но и Северна Македонија“, вели Мекарти.
Алтернативата за ЕУ, не треба да бидат продлабочени односи со Пекинг.
„Директно да одговорам на вашето прашање: „Нема замена за членството во Европската унија за Северна Македонија и Кина нема да ја исполни таа улога. Кина е далечна сила. Кина мисли само на своите економски интереси и во суштина, и не е загрижена за вистинскиот развој на овие региони во партнерство со другите западни сојузници, вклучително Европската унија и САД“, додава директорот за Европа при Меѓународниот Републикански Институт.
Глас на Америка: Дали сметате дека расте кинеското влијание и САД треба да бидат поприсутни во регионот, не само политички, туку и економски?
Пол Мекарти: „Одговорот на, последното прашање што прво ќе го кажам е ДА - треба да бидеме повеќе ангажирани, бидејќи колку повеќе сме на Западиот Балкан, преку инвестициите, билатерални договори, мултилатерални зделки, со европските земји, толку помалку ќе има кинеското влијание. Но, јас би додал дека Владите во регионот, вклучително и Северна Македонија, треба да се погрижат нивните процеси за набавки и тендери да бидат што е можно потранспарентни и да се справат со проблемот со корупцијата во економијата меѓу државата и економијата, бидејќи во спротивно, инвестициите ќе биде одложени“.
Западен Балкан е буквално и фигуративно фронтот помеѓу демократијата и авторитаризмот, имајќи ги предвид историските врски со Русија, вели експертката Деаринг – Скот.
Таа смета дека регионот е од стратешко значење за Кина поради три причини.
„Првата се однесува на економијата. Кина се обидува да го искористи Западен Балкан за да го олесни нејзиниот пристап до европските пазари. Фактот што Кина го вклучи Западен Балкан во својата регионална и дипломатска иницијатива во Централна и Источна Европа, позната како „17 плус еден“, а не „14 плус еден“, покажува дека таа го гледа Западен Балкан како под-регион во регионален економски контекст. Вториот фактор е геополитика. Кина бара земји сојузници кои би биле на нејзина страна или барем не против неа во случај на меѓународна критика за нејзините активности, како што е злоупотребата на човековите права. Третиот е престиж. Кина се обидува да го подобри својот меѓународен углед преку претставување како добронамерна алтернатива на наметливиот меѓународен поредок предводен од Западот“, анализира експертката Кејтлин Деаринг Скот.
Дваесет проценти од надворешниот долг на Северна Македонија е кон Кина, предупреди Далибор Рохач од „Американ Ентeрпрајс Институт“, на сослушувањето за кинеското влијание во Централна и Источна Европа во Поткомитетот за Европа на Претставничкиот дом на САД. 40% од надворешниот долг на Црна Гора е кон Кина.
„НАТО - членките Црна Гора и Северна Македонија, имаат кинески инвестиции во нивната патна инфраструктура, железница и енергетскиот сектор“, изјави Рохач, додавајќи дека тоа треба да ги загрижува и локалните политички елити, но и креаторите на политиката во Вашингтон.
Во меѓувреме, Кина ја притиска размената меѓу студенти, академици во обид да ги подобри своите понекогаш затегнати односи со другите земји. Бројот на земји на кои им е одобрен безвизен пристап од минатата година ќе се искачи на 38.
Речиси 300.000 Кинези студираат во САД, а само 700 Американци во Кина. Тоа ги прави кинеските студенти најголема меѓународна студентска група на американските универзитети.
Успева ли ваквата политика на Кина за привлекување туристи?
За трите месеци од август до октомври годинава, Кина забележала влез на 8,2 милиони странци, од кои 4,9 милиони биле без визи, објави официјалната новинска агенција Ксинхуа.
Културната дипломатија на Кина оди и чекор понатаму со организирање на голем и масовен карневал на крајот од декември со цел земјата да профитира од шесте панди кои моментално живеат во тематски парк во Хонг Конг.
Околу 36,68 милиони туристи го посетиле Хонг Конг во првите 10-те месеци, заклучно со крајот на октомври 2024 година, според најновите владини податоци.
Властите во Кина рекоа дека се надеваат дека ќе достигнат 46 милиони туристи до крајот на годината.