Линкови за пристапност

Кина активно присутна во македонското образование


Универзитет Охрид
Универзитет Охрид

Земјоделскиот универзитет „Гансу“ од Кина и Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ од Охрид, основаа заеднички истражувачки центар за дигитално земјоделство. Ректорот на охридскиот универзитет, Иван Бимбиловски, во септември годинава присуствуваше на церемонијата на откривање на заедничкиот истражувачки центар во Гансу.
„Соработката меѓу земјоделскиот универзитет „Гансу“ и Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ – Охрид има цврста основа. Основањето на заеднички истражувачки центар за дигитално земјоделство не е само продлабочување на соработката меѓу двата универзитета, туку и важен чекор за двете страни за заеднички да го промовираат развојот на дигиталното земјоделство“, велат од Универзитетот Свети Апостол Павле во Охрид.

Ректорот Бимбилоски изразил благодарност за поддршката на развојот на образованието во Македонија.

Универзитет Охрид
Универзитет Охрид

„Тој ја претстави академската средина на УИСТ „Св. Апостол Павле“, истражувањето во областа на информатичката наука и технологија, и се надева дека ќе се зајакне билатералната научно-истражувачка соработка преку заедничкиот истражувачки центар, со што ќе се обезбеди поширока академска визија и платформа за културна размена на професорите и студентите од двата универзитета“, додаваат од таму.

А, соработката во областа на образованието помеѓу Северна Македонија и Кина се реализира врз основа на „Спогодбата за соработка во областа на образованието“ помеѓу двете Министертва за образование, која беше потпишана уште на 5-ти декември 2007 година во Пекинг, НР Кина. Согласно неја, кинеската страна годишно доделува квота до 5 стипендии за македонски студенти за додипломски, магистерски и докторски студии и специјализации.

Соработката во областа на науката и технологијата пак се одвива врз основа на „Спогодбата за научна и технолошка соработка“ помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Народна Република Кина, потпишана на 7 март 1995 година во Скопје, која предвидува реализација на заеднички научно-истражувачки проекти помеѓу научните работници од двете страни.

Универзитет Охрид
Универзитет Охрид

„Интензитетот на соработката не бележи тренд на намалување, но во изминатите неколку години не се предложени нови иницијативи за продлабочување на истата“, велат од Министерство за образование.

Досега околу 100 македонски студенти заминале на студии за учење на кинески јазик односно специјализации во траeње од една година, како и на редовни и постдипломски студии. Од друга страна, расте и бројот на студенти кои го изучуваат кинескиот јазик, преку Институтот „Конфуциј“ во Скопје, кој е отворен во рамките на Универзитет, „Св. Кирил и Методиј“ во 2013-та година.

„Во сите 6 реализирани проектни циклуси, успешно се завршени 65 македонско-кинески научно-истражувачки проекти во следните области: нанотехнологија, информатира и компјутерски науки, земјоделие, сеизмологија и земјотресно инженерство, медицина, обновливи изори и други“, додаваат од таму.

Универзитет Охрид
Универзитет Охрид

Дека Кина, не запира со својот интерес за присуство во македонското образование, покажува и Меморандумот за разбирање за заедничко финансирање проекти за истражување и развој. Со него е предвидено на база на реципроцитет да се финансираат истражувачки развојни проекти со кои ќе се обезбедат и средства за опремување на лаборатории за заеднички научни истражувања во земјите. Овој меморандум е дел и од официјалниот стратегиски план на МОН за периодот 2022-2024 година.

Од Министерството за образование велат дека Меморандумот автоматски ќе се продолжува се додека една од договорни страни не ја извести по писмен пат другата договорна страна за раскинување на договорот. Во наредниот период додаваат од МОН, ќе се планираат финансиски средства за отпочнување на развојно-истражувачки проекти меѓу двете земји.

Кина инвестира и во опремување и на факултети и училишта со ИТ опрема. Станува збор за доделување на ИТ опрема од телекомуникацискиот оператор Хуавеи за три високообразовни установи и тоа, Педагошки факултет, ФИНКИ и Природно математички факултет - оддел за физика, а врз основа на договор потпишан помеѓу Владите на РСМ и НР Кина за реализација на проект за техничко опремување на средни училишта, институции и високообразовни установи во државата.

Универзитет Охрид
Универзитет Охрид

Општините пак, како и високообразовните установи во Северна Македонија можат и самостојно да склучуваат договори за донации и соработки.

„Министерството за образование и наука ја цени секоја воспоставена билатерална соработка, затоа што размената на искуства и позитивни практики може да биде исклучиво корисна, особено за Македонија, како земја во развој која се стреми да ги следни глобалните образовни трендови и стандарди за квалитет“, велат од Министерство за образование.

Едно истражување на невладината организација „Естима“ од Скопје, насловено како „Разбирање на алатките, наративите и влијанието на кинеската „мека моќ“ во Северна Македонија“ ,покажува дека од 1978 година на македонски јазик се објавени вкупно 90 кинески наслови, од кои 50 само од почетокот на 2018 година, а половина од нив - детски книги. Некои од преводите се објавени во соработка со издавачката куќа „Делфин книги“, со седиште во Пекинг, подружница на Кинеската меѓународна издавачка група (China International Publishing Group), која е во сопственост на ККП.

„Веројатно најважната и долгорочна стратегија за зацврстување на кинеската мека моќ во Северна Македонија е отворањето на Институтот „Конфуциј“ во Скопје, на најстариот и најреномиран јавен универзитет, Св. Кирил и Методиј во 2013-та година. Институтот обезбедува бесплатни часови по кинески јазик за најразлична публика. Бројот на ученици се зголеми од 60 во текот на првата година, на 562 во академската 2020-2021 година, паралелно со отворањето на Конфуциј училници во различни градови низ целата земја“, велат од Невладина организација „Естима“.

И од Естима потсетуваат на фактот, дека Кина обезбедува стипендии за македонските студенти повеќе од 20 години. Повремено, велат кинеското Министерство за трговија или Институтот „Конфуциј“ даваат дополнителни можности за студирање или патување во Кина. Една од нив е програмата за развој на човечки ресурси во рамки на билатералната развојна соработка раководена од Секретаријатот за европски прашања во македонската Влада, која нуди обука во Кина.

„Програмата е насочена претежно кон државните службеници, но повремено уредници, новинари, претставници на стопанските комори и универзитетите, исто така, се поканети да ја посетат Кина во текот на 2-3 недели. Некои од корисниците на програмата понатаму добиваат работни места со високо ниво на одговорност. Како што сведочат корисниците на ваквите обуки, формалните аспекти на наставата не се многу атрактивни, но „споредното искуство“ од посетата, кое обично вклучува приказ на најубавите глетки и пејзажи во Кина, кулинарските искуства и технолошкиот напредок, остава длабоко влијание“, велат од Естима.

Истражувањето заклучува дека перцепцијата за угледот на Кина во Северна Македонија е мешана слика која има тенденција да биде попозитивна кај луѓето кои имале директно искуство и интеракција со Кина и кинеските чинители. Сепак, се вели дека постои консензус дека недостатокот на веродостојни информации и јавна дебата, како и општиот недостаток на интерес за темите поврзани со Кина во земјата го отежнуваат формирањето на издржано мислење.

XS
SM
MD
LG