Гордана Димитриеска-Кочоска во интервју за Гласот на Америка се осврнува на предизвиците на земјата за растот на економијата во време на глобални шокови. Таа учествува на Есенските средби на ММФ и Светската банка во Вашингтон.
Глас на Америка: Министерке, според прогнозите на Светската банка, три години со ред, Северна Македонија ќе има најнизок раст во однос на земјите од регионот. Јавниот долг незначително, ќе се намали. Реални ли се проекциите?
Your browser doesn’t support HTML5
Гордана Димитриеска-Кочоска: Ако ги земеме претпоставките кои што ги зема Светска Банка, тоа е нели што остана од претходната влада, бидејќи многу е краток периодот во кој што ние функционираме, би рекла дека логично е нивното проектирање затоа што претходните години имавме слаби резултати и многу мал раст на БДП, Имајќи предвид да го менуваме комплетно економскиот концепт во насока на тоа дека ќе поддржуваме инвестиции, а не потрошувачка. Еве знаете, дека во тек е нели оној голем проект кој што го најавивме за општините, повикот е во тек така да тука ќе има голема реализација. Исто така, двеста педесет милиони евра за приватниот сектор, значи очекуваме дека дефинитивно ќе ги оствариме оние стапки на раст кои што ние како Министерство за финансии ги проектираме, а тоа е 2,1% до крајот на годината и за следната година ќе видиме ама ќе биде повеќе од 3,5 проценти.
Глас на Америка: Проекциите на Светска банка не се оптимистички па затоа се изразува и загриженост за буџетскиот дефицит, здравството и образованието и корупцијата, Ваш коментар?
Гордана Димитриеска-Кочоска: Па би тргнала од она што е најважно барем во овој момент по мене, а тоа е корупцијата и мислам дека тука барем како министер за финансии кој што е одговорен за дел од институции кои што треба исто така да внимаваат многу, барем во делот нели на сивата економија, би рекла дека тука веќе немаме компромис, силно се бориме против корупцијата и криминалот и во тој дел да кажам очекувам позитивни резултати во периодот кој што следи, затоа и велам и со поголем оптимист во однос на тоа што го зборува Светска Банка, сепак, нели, како министер сметам дека знам какви се и лицата кои што ги предводат тие институции, царина на управа за јавни приходи, финансиско разузнавање и финансиска полиција. А во однос на буџетскиот дефицит нормално е дека преку ноќ не можеме да влеземе во математиките на законот, нели фискалните правила велат дека буџетскиот дефицит треба да биде 3 проценти од БДП, а јавниот долг 60. Не може преку ноќ да се направи, потребно е време да се консолидира. Растот за следната година е планиран на 4 проценти, па 3,5, па да стигнеме до 3 проценти до комплетна консолидација.
Глас на Америка: Од Светска банка изразија загрижени за кредитите што земјата ги зема од Унгарија, но и како тие ќе влијаат врз јавниот долг и дефицитот....
Гордана Димитриеска-Кочоска: Видите секое ново задолжување нормално дека дава негативни ефекти. Меѓутоа, ние зборуваме за кредит кој што беше планиран од претходната влада, само не земавме еврообврзница и тука напротив, на пример би кажала како министер за финансии и како влада може да бидеме горди што успеавме да обезбедиме кредит под многу поволни услови, со многу ниска провизија во однос да речеме, да носевме одлука за издавање на еврообврзница, а сега парите се од европска држава. Јас навистина не гледам ништо спорно, напротив успехот од тоа што постигнавме со 3,25% каматна стапка, мислам дека некој се труди да го преврти во друга насока и да каже дека еве сега да не дефокусираат тоа што е најважното, а тоа дека ги заштедивме граѓаните на државата, а што направивме позајмивме нешто што и претходно беше планирано само многу поскапо.
Глас на Америка: Парите од унгарскиот кредит наменети за бизнис секторот ќе одат преку Развојната банка која треба да преговара со комерцијалните банки под кои услови ќе им бидат дадени на компаниите. Парите се очекува да бидат достапни до крајот на годинава. За што се наменети?
Гордана Димитриеска-Кочоска: Парите се очекуваат да бидат достапни до крајот на годината зашто значи дел од тие средства веќе кажавме дека се наменети за приватниот сектор, за инвестиции во приватниот сектор, тоа се двеста педесет милиони евра, а другите двеста педесет милиони евра нели кажавме дека е за поддршка на општините и секако за инфраструктурни проекти.
Глас на Америка: Зошто не кредит од Светската банка, или од друга Банка, или ММФ, а се преферира унгарски? Ако можам да кажам, условно, што добива, а што губи Македонија?
Гордана Димитриеска-Кочоска: Кога зборуваме за задолжување, Светската банка дава кредити, но наменски, или проекти за финансирање. Тука не зборуваме за тоа туку говориме за средства кои би оделе директно во буџетот и таму би биле пренасочувани. Зборуваме за различни типови на кредити. Опцијата да користиме од друга европска банка, на пример, ЕБРД, е дека тие бараат да имате конкретен проект. Во однос на овој проект во кажав, најсоодветно е да го споредиме со еврообврзницата. Неоправдано ќе беше сега да се задолжуваме со каматна стапка од над 6%.
Глас на Америка: Уверувате дека сте против замрзнување на трговските маржи и според Вас, таквата мерка не носи никакви резултати. Зошто?
Гордана Димитриеска-Кочоска: За да можам да го одговорам ова прашање треба да имаме бруто-биланси. Јас сум човек кој доаѓа од фелата кој што е стручен, за да зборуваме за замрзнување на цените треба да ги погледнеме бруто-билансите. Имајќи предвид каква е состојбата во институции и во државата, и со каков кадар располагаме, не се институции со соодветно ниво на квалитет. Кога ќе бидат може да зборуваме за вакво нешто. Еве на пример да се оди со некој вид на попуст, на одредени производи, ќе направиме одредена математика, поедноставна е методологијата.