СКОПЈЕ - Законот за забрана на нефер трговски практики почнува со примена од утре а првите резултати, односно намалување на цените се очекува на почетокот на ноември. Министерот за економија соопшти дека трговците ќе добијат уште три месеци „грејс период“ пред комисијата за заштита на конкуренцијата да почне со пишување на казни заради прекршување на законот. Со овој закон се опфатени 2.546 прехранбени продукти, овошје и зеленчук а меѓу нив се и продуктите кои се наоѓаат во есенската потрошувачка кошница. Според најавите на надлежните но и на дел од експертите примената на овој закон треба да ги стабилизира и намали цените на производите до 10 проценти.
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, вели дека првите резултати односно намалени цени ги очекува на почетокот на месец ноември бидејќи кај трговците се уште има залихи на производи од старите договори кои мора да се потрошат за да се склучи нов договор и нова набавка.
„Од утре добавувачите и купувачите треба да ги усогласат или да ги прават договорите со 10 проценти ограничен рабат и дополнителни трошоци и надоместоци. Надоместоците кои се дозволени не повеќе од 10 проценти од остварениот промет во тековната година се поставување на полици на продажното место на купувачот, рекламирање на производите и маркетинг. Со овој закон не се регулира трговската маржа туку се забрануваат дополнителните трошоци кои добавувачите ги плаќаа на купувачите за да ги продаваат нивните производи. Со примена на овој закон очекуваме на долг рок намалување на цената на производите кои се наоѓаат на листата а првите резултати ги очекуваме во ноември“, изјави Дурмиши
Во законот прецизно се наведени 26 трговски практики кои веќе од утре ќе бидат забранети а се однесуваат на односите меѓу трговецот и добавувачот. Па така, купувачот нема да може да ги враќа на добавувачот непродадените земјоделски и прехранбени производи кои се испорачани без да ги плати или без да плати за отстранување на тие производи, нема да смее да бара надоместок од добавувачот за складирање, прикажување или ставање земјоделски и прехранбени производи на полици на продажното место на купувачот, да бара надоместок од добавувачот за склучување договор за снабдување со земјоделски и прехранбени производи или да го условува добавувачот да склучат договори и деловна соработка за компензација на земјоделски и прехранбени производи и услуги.
Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) ќе ја следи примената на законот но од економија најавија дека компаниите добија уште три месеци, до крајот на годинава, грејс период кога станува збор за казни.
„Сега за сега Комисијата за заштита на конкуренцијата е надлежна за контроли. Ќе соработуваме со компаниите и во наредните три месеци во рамките на законот нема да се пишуваат казни туку опомени и да се контролираат фирмите дали правилно се склучени договорите а по нова година фирмите кои не го почитуваат законот ќе бидат казнети“, рече Дурмиши.
Од вторникот на сила е и владината мерка со која маржите на 73 прехранбени производи, овошје и зеленчук се ограничија на максимални десет отсто, но според првичните реакции на граѓаните не го дава посакуваниот ефект бидејќи некои продукти сега се продаваат поевтино за еден, два три или пет денари што не е доволно.
Facebook Forum