Белата куќа: Средбата Путин – Ши нема да донесе крај на војната во Украина

„Не видовме ништо што тие рекоа, изнесоа, што ни дава надеж дека оваа војна ќе заврши наскоро“, изјави Џон Кирби од Советот за национална безбедност.

Додека Ши Џинпинг ја завршува својата тридневна посета на Москва, Белата куќа изрази песимизам дека разговорите на кинескиот лидер со рускиот претседател Владимир Путин ќе го отворат патот за ставање крај на војната во Украина.

Во Москва, третман со сите почести, и државна вечера организирана од рускиот претседател Владимир Путин за кинескиот лидер Ши Џинпинг.

„Како постојани членки на Советот за безбедност на ОН, Кина и Русија ќе продолжат да работат со меѓународната заедница за цврсто да ги заштитат основните норми на меѓународните односи засновани на целите и принципите на Повелбата на ОН“, изјави кинескиот претседател Ши Џинпинг.

Ши повика на дипломатско решение во Украина, за кое Путин вели дека го поддржува.

„Веруваме дека многу точки од мировниот план на Кина се во синхронизација со руските пристапи и би можеле да формираат основа за мирно решение, кога Западот и Киев, ќе бидат подготвени за тоа. Сепак, сè уште не гледаме таква подготвеност од нивна страна“, оцени Владимир Путин, претседател на Русија.

Белата куќа го отфрли тврдењето на Путин.

„Не видовме ништо што тие рекоа, изнесоа, што ни дава надеж дека оваа војна ќе заврши наскоро“, изјави Џон Кирби од Советот за национална безбедност.

Пред средбата Путин - Ши, САД предупредија против прекин на огнот со посредство на Кина, велејќи дека тоа ќе ги ратификува руските придобивки на терен во Украина.

Средбата Путин - Ши не донесе предлог за преговори за прекин на огнот. Џон Кирби рече дека САД ќе ги поддржат само разговорите со посредство на Пекинг, ако претседателот Зеленски смета дека тие ќе водат до праведен мир.

За украинскиот лидер, тоа значи дека нема отстапки за територијата што ја анектира Путин.

Се сомневам дека Русите би се согласиле на тој услов. Тие веќе го отфрлија како нешто што не го сметаат за каков било вид почетна точка за преговори, оцени Џорџ Биби, експерт од Универзитетот Квинси.

Зеленски во вторникот се сретна со Фумио Кишида.

Јапонскиот премиер беше последниот лидер од меѓународната заедница кој беше во ненајавена посета на Киев.

„Со оглед на моќта на Јапонија, нејзиното лидерство во Азија во одбраната на мирот и меѓународниот поредок заснован на правила, и одговорноста на Токио како претседавач со Г-7, нашите разговори навистина можат да дадат глобален резултат“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

По неговата средба со Путин, можен е телефонски разговор меѓу Ши со Зеленски, но тоа не е потврдено.