Украина вели дека ќе ја одржи контролата врз Бахмут и покрај руските напади

Украинските власти соопштија дека украинските копнени сили собориле руски борбен авион во близина на Бахмут и постигнале придобивки во северните делови на градот

Украинските трупи денес ги бранеа позициите во Бахмут во источна Украина и во услови на немилосрдни напори на руските сили да го освојат градот кој е претворен во пустелија по седуммесечните борби.

Двете страни тврдеа успеси во она што стана најдолга битка откако Русија ја започна својата целосна инвазија на Украина пред повеќе од една година.

Украинските власти соопштија дека украинските копнени сили собориле руски борбен авион во близина на Бахмут и постигнале придобивки во северните делови на градот.

Во меѓувреме, Евгениј Пригожин, основачот на платеничката група Вагнер, која го предводеше рускиот напад врз градот, во објава на социјалните мрежи денес рече дека руските сили ја презеле контролата врз населбата Зализњанское и го прошируваат опкружувањето на Бахмут. Изјавите не можеа да бидат потврдени.

Битката за Бахмут се интензивираше откако руските сили го зазедоа блискиот град Соледар во јануари. Руските сили мора да поминат низ Бахмут за да протуркаат подлабоко во делови од провинцијата Доњецк што сè уште не ги контролираат, иако западните власти велат дека заземањето на градот ќе има ограничено влијание врз текот на војната.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски разговараше за ситуацијата во Бахмут со највисоките воени и разузнавачки претставници вчера, и сите се согласија за потребата да се одржи и брани градот, соопшти претседателскиот кабинет.

Извор: АП