Линкови за пристапност

Зеленски вети дека ќе продолжи да се бори за Бахмут


Рускиот министер за одбрана денеска рече дека заземањето на источниот украински град Бахмут е важно за започнување офанзивни операции подлабоко во регионот, додека украинскиот претседател Володимир Зеленски вети дека ќе продолжи да се бори за Бахмут.

Шефот на руската одбрана Сергеј Шојгу го нарече Бахмут важен одбранбен центар за украинските сили и рече дека заземањето ќе им овозможи на руските трупи да протуркаат „длабоко во одбранбените линии на Украина“.

Во своето ноќно обраќање во понеделникот, Зеленски рече дека неговите воени команданти едногласно го поддржале да не се повлече од Бахмут, кој беше место на повеќемесечни жестоки борби.

„Му реков на врховниот командант да најде соодветни сили за да им помогне на момците во Бахмут“, рече Зеленски. „Не постои дел од Украина за кој може да се каже дека може да се напушти. Не постои украински ров во кој ќе се занемарат издржливоста и херојството на нашите војници“.

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин во понеделникот изјави дека ако руските војници успеат да ја преземат контролата врз источниот украински град Бахмут, тоа нема да претставува одлучувачка промена во конфликтот.

„Мислам дека тоа е повеќе од симболична вредност отколку што е од стратешка и оперативна вредност“, им рече Остин на новинарите за време на посетата на Јордан.

Остин во понеделникот рече дека нема да ја смета украинската одлука за репозиционирање на своите војници на запад од градот како стратешко назадување за Украина.

Од Институтот за проучување на војната, истражувачка организација од Вашингтон, велат: „Украинските сили веројатно спроведуваат ограничено тактичко повлекување во Бахмут, иако сè уште е рано да се проценат украинските намери за целосно повлекување од градот“.

Аналитичарите велат дека украинската одбрана на Бахмут „е стратешки здрава бидејќи продолжува со намерата да ја намалува руската работна сила и опрема сè додека украинските сили не претрпат прекумерни жртви“.

Некои информации во овој извештај се од Асошиетед прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG