Министрите за одбрана на Европската Унија денес се собраа во Стокхолм со обид да обезбедат повеќе муниција за украинските сили кои се високо на нивната агенда.
Зборувајќи со новинарите пред состанокот, естонскиот министер за одбрана Хано Певкур се заложи земјите од ЕУ да обезбедат пари за заедничка набавка на муниција за Украина, тврдејќи дека напорите ќе го зајакнат капацитетот на индустријата и ќе ѝ помогнат на безбедноста на ЕУ во иднина.
Шефот за надворешна политика на ЕУ Жозеп Борел, им рече на новинарите дека покрај заедничките напори за проширување на капацитетите на одбранбената индустрија, членките на ЕУ, исто така, на краток рок треба брзо да обезбедат муниција за Украина од нивните постоечки залихи.
Борел рече дека испраќањето на она што е достапно сега може да се постигне за неколку недели.
„Прашањето е како да се обезбеди муниција што ѝ е потребна на Украина за да продолжи да се брани“, рече Борел.
Украина побара особено од сојузниците да обезбедат повеќе артилериски гранати од 155 милиметри.
„Има огромна побарувачка таму“, изјави за новинарите денес генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
„Сегашната стапка на потрошувачка во споредба со сегашната стапка на производство на муниција не е одржлива и затоа треба да го зголемиме производството“.
Столтенберг рече дека конфликтот „сега е војна на трошење“.
Тој, исто така, рече дека не може да ја исклучи можноста украинскиот град Бахмут да падне под руска контрола во наредните денови.
„Затоа, исто така е важно да се истакне дека ова не мора да одразува каква било пресвртница на војната, и само нагласува дека не треба да ја потценуваме Русија“, рече Столтенберг.
„Мораме да продолжиме да даваме поддршка за Украина“.
Неколку часа претходно, шефот на платениците на руската група Вагнер Евгениј Пригожин, изјави дека нејзините единици ја презеле контролата врз источниот дел на Бахмут.
Пригожин рече дека силите на Вагнер ги контролирале сите области источно од реката Бахмутка, што би претставувало околу половина од градот.
Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу вчера изјави дека заземањето на Бахмут е важно за започнување на понатамошни офанзивни операции во регионот.
Украинските лидери во последните денови изјавија дека имаат намера да продолжат да се борат во Бахмут.
Дел од информациите во текстот се преземени од АП и Ројтерс