Никој не инвестира повеќе во тероризам од Русија, рече Зеленски

Првпат по неколку недели, Русија вчера започна ракетни напади во околината на главниот град на Украина, Киев и северниот регион Чернихив

Сепаратистите поддржани од Русија велат дека украинското гранатирање во источна Украина убило најмалку 40 украински воени затвореници заробени за време на борбите во Мариупол.

Сепаратистите соопштија дека најмалку 75 затвореници биле ранети. Украинските заробеници биле меѓу оние кои се засолниле во челичарницата Азовстал во Мариупол, каде што можеа да ги задржат руските трупи речиси три месеци.

Првпат по неколку недели, Русија вчера започна ракетни напади во околината на главниот град на Украина, Киев и северниот регион Чернихив. Украина тврди дека ова е одмазда за нејзиниот континуиран отпор кон инвазијата на Москва.

Русија го нападна регионот Киев со шест проектили лансирани од Црното Море, при што беа повредени 15 лица, од кои пет цивили, изјави украинскиот регионален гувернер.

Украина соопшти дека соборила еден од проектилите, но дека московските сили погодиле воен комплекс во село во близина на главниот град, уништувајќи една зграда и оштетувајќи други две.

Регионалниот гувернер на Киев Олексиј Кулеба, ги поврза нападите со комеморацијата на Денот на државноста што претеседателот Володимир Зеленски ја воведе минатата година и што Украина за првпат го одбележа вчера.

„Русија, со помош на проектили, се одмаздува за широкиот народен отпор, кој Украинците можеа да го организираат токму поради нивната државност“, изјави Кулеба за украинска телевизија.

Регионот Чернихив не беше цел на напади со недели. Русија се повлече од областите Киев и Чернихив пред неколку месеци, откако не успеа да освои ниту еден од регионите, ниту да ја собори владата на Зеленски.

Зеленски во своето секојдневно обраќање вчера рече: „Никој во светот не инвестира во тероризмот повеќе од Русија“, додавајќи: „Ова навистина бара правен одговор на глобално ниво. И не постои рационална причина зошто таква реакција не треба да се случи, конкретно во САД“.

Зеленски им се заблагодари на американските сенатори кои „едногласно ја одобрија резолуцијата со која се повикува Стејт департментот да ја признае Русија како државен спонзор на тероризмот“.