Линкови за пристапност

Блинкен ќе разговара со Лавров за извозот на жито и анексијата на Донбас


Претставниците на Стејт департментот предупредија дека очекуваниот повик меѓу Блинкен и Лавров не значи вообичаена работа меѓу САД и Русија, туку е можност јасно и директно да се пренесе загриженоста на Вашингтон
Претставниците на Стејт департментот предупредија дека очекуваниот повик меѓу Блинкен и Лавров не значи вообичаена работа меѓу САД и Русија, туку е можност јасно и директно да се пренесе загриженоста на Вашингтон

Украински официјален претставник вчера изјави дека руските сили ја презеле втората по големина електрана во Украина и спроведуваат „масовно прераспоредување“ на војниците во три региони во јужна Украина.

Олексиј Арестович, советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, го потврди заземањето на електраната Вулехирск во источниот регион Доњецк.

Но, Арестович рече дека развојот е „мала тактичка предност“ за Русите. Тој рече дека прераспоредувањето на руските трупи вклучува испраќање сили во областите Мелитопол, Запорожје и Херсон како дел од очигледната промена на напорите за стратешка одбрана.

Британското министерство за одбрана денес соопшти дека украинските сили земаат замав во контраофанзивата во Херсон, област што Русија ја окупираше од првите денови на инвазијата што ја започна кон крајот на февруари.

„Украина ја искористи својата нова артилерија со долг дострел за да оштети најмалку три мостови преку реката Днепар, на кои Русија се потпира за снабдување на областите под нејзина контрола“, соопшти Министерството.

Во дневната проценка на британското Министерство за одбрана се вели дека градот Херсон „сега е практично отсечен од другите окупирани територии“.

Украинските сили го погодија мостот Антонивски над реката Днепар доцна во вторникот. Руските власти соопштија дека нивните сили ќе користат други начини за преминување на области со оштетени мостови.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен вчера рече дека ќе разговара со својот руски колега Сергеј Лавров во наредните денови, при што се очекува да се разговара за имплементација на договорот за продолжување на извозот на жито преку украинските пристаништа на Црното Море и руската анексија на регионот Донбас.

Блинкен и Лавров последен пат лично разговараа на 15. февруари, неколку дена пред Русија да ја започне својата воена инвазија во Украина.

Привремениот договор за извоз на жито што го постигнаа Украина, Русија, Турција и Обединетите нации минатата недела е исто така високо на листата на приоритети на САД.

Претставниците на Стејт департментот предупредија дека очекуваниот повик меѓу Блинкен и Лавров не значи вообичаена работа меѓу САД и Русија, туку е можност јасно и директно да се пренесе загриженоста на Вашингтон.

Нема план за лични средби меѓу двајцата на маргините на Регионалниот форум на АСЕАН што ќе се одржи во Камбоџа на почетокот на август.

Блинкен рече дека во телефонскиот разговор ќе го предупреди Лавров оти Русија не смее да ги анектира окупираните области на Украина, бидејќи војната влегува во шестиот месец.

Дел од информациите во текстот се преземени од Асошиетед прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG