Уште еднаш САД треба да реагираат на Балканот, каде ЕУ не може да постигне поместување на позициите, коментира аналитичарот Едвард Џозеф од Школата за напредни и меѓународни студии при Универзитетот Џонс Хопкинс во Вашингтон, при што го анализира последниот Стратешки дијалог меѓу САД и Северна Македониja и импактот врз регионот.
Your browser doesn’t support HTML5
„Тајмингот на одржување на Стратешкиот дијалог во Вашингтон не можеше да биде подобар за Северна Македонија, затоа што подоцна месецов ЕУ ќе одржи Самит од каде ќе биде донесена одлука за евентуален излез од овој анти-демократски и проруски маневар на Бугарија со блокирањето на почетокот на преговорите за Скопје и за Софија“ - вака анализира Едвард Џозеф, долгогодишен американски аналитичар за Балканот кој го сублимира влијанието од војната во Украина врз регионот, и потребата од ваквите стратешки дијалози со земји од Западен Балкан.
„Некои работи на Балканот се влошени по почетокот на војната во Украина. Македонија се уште ги чувствува негативните последици од Бугарија со ветото, Србија им пркоси на повиците на ЕУ и САД да воведат санкции врз Русија, хрватскиот претседател се заканува дека ќе го блокира членството на Финска и Шведска во НАТО доколку нема решение за некои наталожени предизвици во Босна и Херцеговина. Потребен е поголем стратешки пристап кон Балканот“, вели Џозеф.
Според него, Северна Македонија и Албанија го имаат исполнето тоа што се бараше од нив за почеток на преговори со ЕУ, и затоа блокирањето на интегративниот процес претставува проблем за самата ЕУ, но и за САД.
„Бугарската блокада е мошне позитивна за Русија. Тоа е важно да се нагласи. Интересот на Русија да го спречи Балканот да се придвижи кон стабилност кон ЕУ и НАТО“, додава аналитичарот.
Блокирањето на двете земји и помага и на Србија да носи одлуки кои се косат со меѓународната заедница, наведува Џозеф.
„Србија е на страната на Русија. Ваквата ситуација му дава моќ на Белград и јавно да го предизвика воведувањето санкции врз Русија, или да мора да постигне договор за Косово, кога нема јасен патоказ за членство во ЕУ, како што е тоа во случајот со Северна Македонија и со Албанија, кои се заглавени поради бугарското вето“, смета тој.
Според него, актуелната политика на Бугарија кон проширувањето на ЕУ, само оди во прилог на интересите на Русија во регионот.