Украина бара побрза достава на оружје за битките во Донбас

„Руската офанзива во Донбас е немилосрдна битка, најголема на европско тло од Втората светска војна. Ги повикувам партнерите да ја забрзаат испораката на оружје и муниција, особено артилерија со долг дострел“, порача шефот на украинската дипломатија.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ги повика странските влади да испратат побрзо повеќе оружје за да ѝ помогнат на Украина во борбата против руските сили.

„Премногу е рано да се заклучи дека Украина веќе го има сето оружје што ѝ е потребно“, напиша Кулеба на Твитер во вторникот.

„Руската офанзива во Донбас е немилосрдна битка, најголема на европско тло од Втората светска војна. Ги повикувам партнерите да ја забрзаат испораката на оружје и муниција, особено артилерија со долг дострел“, порача шефот на украинската дипломатија.

Кулеба во Брисел

Британското Министерство за одбрана соопшти дека руските сили го зголемиле интензитетот на нивните операции во регионот на Донбас во источна Украина додека се обидуваат да опколат повеќе градови, вклучувајќи го и Северодонецк. Руското заземање на Северодонецк ќе доведе цела Луганска област да биде ставена под руска окупација.

Повикот на Кулеба за поголема воена помош дојде еден ден откако американскиот секретар за одбрана Лојд Остин рече дека околу 20 земји испраќаат нови пакети безбедносна помош во Украина.

„Многу земји донираат критично потребна артилериска муниција, крајбрежни одбранбени системи, тенкови и други оклопни возила. Други излегоа со нови обврски за обука на украинските сили и одржување на нејзините воени системи“, им рече Остин на новинарите во Пентагон по завршувањето на вториот состанок на Контакт - групата за одбрана на Украина.

Данска соопшти дека ќе им обезбеди на украинските сили ракети од типот Харпун, додека Чешка донираше хеликоптери, тенкови и ракетни системи. Состанокот во понеделникот опфати 47 нации кои учествуваа виртуелно, според претседателот на Здружениот Генералштаб, генерал Марк Мили, највисокиот воен офицер на САД.

Австрија, Колумбија и Ирска беа меѓу новите учесници.

Следниот состанок на Групата, ќе се одржи на 15 јуни во Брисел.