Предвидено е учеството на 4.600 војници од 8 држави – членки на НАТО: САД, Велика Британија, Италија, Франција, Црна Гора, Албанија, Грција и земјата – домаќин Северна Македонија. Операцијата ќе се изведува на армискиот полигон Криволак и својот финиш ќе го има идниот четврток.
„Целта на оваа вежба има два аспекта. Тоа е подготвеноста на нашата македонска Армија за вакви комплексни вежби што ги изведуваме заедно со сојузниците, при што се покажува нејзината подготвеност, нивото на операбилност, но и начинот на кој се соработува со армиите во рамки на НАТО. Второ, што е исто така значајно за нашата држава – ги покажува капацитетите и способностите на тренинг центарот Криволак“, изјави Славјанка Петровска, министерка за одбрана на Северна Македонија.
„Вежбата „Брз одговор 22“ е клучна за командата на копнената војска на САД за Европа и за Африка, како и за сите сили на НАТО затоа што, истакна, на овој начин ја демонстрираме нашата интероперативност, но во исто време ја тестираме не само нашата индивидуална подготвеност, туку и колективно на ниво на Алијансата. Не би можеле едни без други да покажеме што можеме. Заедно сме посилни како сојузници.“, изјави Џозеф Хилберт, бригаден генерал.
„Ова е вежба на сојузничките воздухопловни десантни сили, дел од пошироката серија вежби што се одржуваат низ цела Источна Европа. За време на вежбата ќе видиме и 22 воени борбени авиони и транспортни воздухоплови, како и 23 хеликоптери на сојузничките сили, кои ќе ја покажат волјата и способноста да ги бранат своите членки. Ќе се покаже колективната подготвеност и способност и трансатлантската врска што го направи НАТО најсилниот сојуз во модерната светска историја.“, изјави Рејчел Галовеј, Амбасадорка на Велика Британија во Скопје.