Линкови за пристапност

Министерствата бараат алтернативен пазар за производите што се извезуваа во Русија и Украина, вели Владата


Засега државата не е зафатена од посериозен бегалски бран, како што е случајот со земјите кои се граничат со Украина

Бројката на украински државјани кои се наоѓаат во земјава се движи меѓу 700 и 800. Овој податок се темели на информациите кои ги имаат државните органи, а кои покажуваат дека во февруари и март во Северна Македонија влегле нешто повеќе од 3000 граѓани од Украина, а во тој ист период од два месеца регистрирано е дека излегле околу 2200 украински државјани.

Оттука е проценката дека околу 800 Украинци се` уште се на територијата на Северна Македонија.

Од Црвениот крст информираат дека во нивните канцеларии од овој број на присутни украински државјани во земјава, од почетокот на руската агресија, се пријавиле само 183. Тие се евидентирани и се на листата лица кои добиваат поддршка од Црвен крст, хуманитарна помош како и здравствени услуги. Сите тие, засега се сместени во семејства на нивни роднини и пријатели.

Според ова, засега државата не е зафатена од посериозен бегалски бран, како што е случајот со земјите кои се граничат со Украина.

Она што е посериозно се економските последици кои ги трпи земјата зашто воените дејства, но и санкциите кон Русија значат губење на пазари кои се значајни, пред се`, за македонското земјоделство.

„Надлежните министерства за фокусирани на обезбдување пласман за производите кои се извезуваа во Русија и во Украина. Сите дипломатски претставништва бараат алтернативни пазари, институциите се во контакт со ЕУ и со регионот за да се одржи стабилноста на извозот и да има непречен пласман на производите“, изјави Душко Арсовски, портпарол на Владата.

Агресијата врз Украина повторно ги собра шефовите на дипломатиите на земјите-членки на НАТО во Брисел. Министерот за надворешни работи Бујар Османи бара поголем ангажман на Алијансата во регионот.

„НАТО треба го го зајакне своето партнерство со ЕУ и со останатите демократии кои имаат ист курс, но истовремено треба да ја засили кооперацијата со Западен Балкан преку зајакнување на стабилноста и безбедноста на своето југоисточно крило. Во овој контекст повторивме дека европската интеграција ќе помогне во исполнувањето на таа цел“, вели Османи.

На дводневниот НАТО министерски состанок ќе се зборува и за зголемување на воената помош за Украина како начин за спречување на руската агресија.

Властите во Скопје се согласија да пратат воена помош за Киев, но притоа не се прецизираше за какво вооружување станува збор.

XS
SM
MD
LG