САД прават се`за да ја продолжат и надоградат помошта за Украина, рече Блинкен

Пред денешната средба со министерот за надворешни работи на Украина, државниот секретар на САД зборуваше за „огромно чувство на солидарност во поддршката на Украина против суровата агресија на Русија“

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денес се сретна со министерот за надворешни работи на Украина Дмитро Кулеба, и даде изјава пред почетокот на средбата.

Блинкен зборуваше за „огромно чувство на солидарност во поддршката на Украина против суровата агресија на Русија“.

Тој рече и дека САД „прават се` што можат за да продолжат не само да ја одржуваат нашата поддршка за Украина, туку и да ја надоградуваат“.

Кулеба им се заблагодари на САД за нивната досегашна помош и побара помошта да се обезбеди веднаш, нагласувајќи дека „прашањето за временската рамка е од клучно значење и со нетрпение го очекувам нашиот разговор денес за да разговараме за временската рамка на испораките на оружјето што е потребно за брани Украина“.

Кулеба денес ја отфрли неподготвеноста на некои земји да ги исполнат украинските барања за оружје поради страв дека ќе бидат вовлечени во конфликт со Русија, велејќи дека ако ѝ се даде на Украина она што ѝ треба, Украинците ќе се борат за да не мора никој друг тоа да го прави.

„Мислам дека договорот што го нуди Украина е праведен: вие ни давате оружје, ние ги жртвуваме нашите животи“, рече Кулеба.

Тој зборуваше во Брисел пред средбата со министрите за надворешни работи на НАТО, заедно со генералниот секретар Јенс Столтенберг, кој рече дека сојузниците ќе ги адресираат потребите на Украина за системи за противвоздушна одбрана, противтенковско оружје и друга поддршка.

„Колку повеќе оружје добиваме и колку побрзо пристигне во Украина, толку повеќе животи ќе се спасат, толку повеќе градови и села нема да бидат уништени, и нема да има уште Бучи “, рече Кулеба.

Кулеба ги поздрави новите западни санкции против Русија, но повика на дополнителни мерки, вклучително и целосно ембарго на руската нафта и гас, блокирајќи ги сите руски банки од банкарскиот систем Свифт, како и затворање на пристаништата за руски бродови и стоки.

САД и нивните западни сојузници вчера најавија „нови, строги и непосредни економски санкции“ против Русија, забранувајќи ги американските инвестиции таму, целосно блокирајќи ги најголемите финансиски институции во земјата и таргетирајќи го имотот на возрасните деца на претседателот Владимир Путин.

Новите санкции, според Белата куќа, се реакција за злосторствата против украинските цивили наводно извршени од руски војници, вклучувајќи ги и оние што беа откриени неодамна во Буча. Русија негираше дека убила цивили во Буча.

Генералното собрание на Обединетите нации гласаше за суспендирање на Русија од Советот за човекови права за време на седницата во Њујорк, објави Би-Би-Си.

Претставникот на Русија Генадиј Кузмин го осуди гласањето, а други нации, вклучително и Северна Кореја и Сирија, застанаа зад него.