САД санкционираа над 50 олигарси и соработници на Путин, меѓу кои и портпаролот Песков 

Ќе продолжиме да го поддржуваме украинскиот народ со директна помош, рече претседателот Бајден 

Вашингтон денес воведе уште една рунда санкции за кругот на најблиските сојузници на рускиот претседател Владимир Путин, неколку часа откако руските и украинските официјални лица изјавија дека руските сили ја презеле контролата врз стратешкиот украински пристанишен град Херсон и дека гранатирале големи градови, при што досега повеќе од еден милион луѓе беа принудени да ја напуштат земјата.

Меѓу новосанкционираните олигарси е блискиот сојузник на Путин Алишер Усманов, едно од најбогатите лица во Русија.

Германските власти ја запленија неговата јахта долга 512 метри, чија вредност се проценува на речиси 600 милиони долари.

Според наредбата, неговиот приватен авион е исто така отворен за запленување.

Мерката, исто така, забранува повеќе од 50 богати Руси да патуваат во САД.

„Денес објавувам дека додаваме десетици имиња на списокот, вклучително и еден од најбогатите руски милијардери, и забранувам патување во Америка на повеќе од 50 руски олигарси, нивните семејства и нивните блиски соработници“, изјави денес претседателот Џо Бајден, и додаде: „И ние ќе продолжиме да го поддржуваме украинскиот народ со директна помош“.

Спискот со санкции вклучува и некои од најстарите пријатели на Путин, поранешен партнер во џудо и други со врски со платеничката група Вагнер и портпаролот на Путин Дмитриј Песков.

„Еден од големите фактори е секако близината до претседателот Путин“, рече портпаролката на Белата куќа Џен Псаки.

„Сакаме тој да го почувствува притисокот. Сакаме луѓето околу него да го почувствуваат притисокот. Не верувам дека ова ќе биде последната група олигарси. Да направиме приоритет и фокус на нашите индивидуални санкции е нешто на што беше фокусиран претседателот“, рече Псаки.