Линкови за пристапност

Русија ги ескалира нападите во Украина и покрај сигналите за продолжување на преговорите


Украинската агенција за итни случаи соопшти дека во нападите на Русија загинале повеќе од 2.000 во болници, градинки и домови
Украинската агенција за итни случаи соопшти дека во нападите на Русија загинале повеќе од 2.000 во болници, градинки и домови

Русија денес ги засили нападите врз украинските градови, а двете страни изразија подготвеност да ги обноват разговорите со цел да се стави крај на војната што трае речиси една недела.

Москва соопшти дека ја презела контролата врз Херсон, пристанишен град на Црното Море, тврдење што беше оспорено од советникот на украинскиот претседател Олексеј Арестович.

„Градот не падна, нашата страна продолжува да се брани“, рече тој.

Најинтензивните воздушни напади го погодија североисточниот град Харков, вториот по големина град во Украина и дом на 1,5 милиони луѓе.

Во нападот беше уништена полициска зграда во центарот на градот. Украинските власти соопштија дека во руските напади вчера загинале 21 лице во Харков, а уште четири денес утрово.

Силно гранатирање продолжи и во јужниот пристанишен град Мариупол, каде што ранетите не можеа да се евакуираат, според градоначалникот на градот.

Украинската агенција за итни случаи соопшти дека во нападите на Русија загинале повеќе од 2.000 во болници, градинки и домови.

Но, речиси една недела по почетокот на инвазијата, Русија не ја собори владата на Украина како што беше планирано.

Руското Министерство за одбрана го објави својот прв извештај за жртви, велејќи дека 498 нејзини војници биле убиени во Украина, додека повеќе од 1.500 други биле ранети.

Претседателот Џо Бајден при вчерашното прво годишно обраќање пред нацијата рече дека Путин направил „погрешна проценка“ за Украина.

По неколкучасовните разговори во понеделникот со руските официјални лица кои не донесоа решение за барањата на Украина за прекин на огнот и повлекување на руските сили, украинскиот претседател Володимир Зеленски повторно повика на прекин на борбите за да им се даде шанса на преговорите.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, рече дека руската делегација ќе биде подготвена да ги продолжи разговорите, додека портпаролот на Украина им рече на новинарите дека „нашата делегација ќе биде на место за да ги чека украинските преговарачи“.

Извештаите велат дека разговорите може да се одржат утре.

„Потребно е барем да се запре бомбардирањето на луѓето, само да се запре бомбардирањето и потоа да се седне на преговарачка маса“, изјави Зеленски за Ројтерс и Си-ен-ен во заедничко интервју во владиниот комплекс во Киев.

Дел од информациите во текстот се преземени од Асошиетед прес, Франс-прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG