Линкови за пристапност

Јелен изрази загриженост за нефер економските практики на Кина


Не се очекува секретарката за финансии на САД да се сретне со кинескиот претседател Шји Џјинпинг за време на посетата на Пекинг
Не се очекува секретарката за финансии на САД да се сретне со кинескиот претседател Шји Џјинпинг за време на посетата на Пекинг

Секретарката за финансии на САД Џенет Јелен денес ја започна четиридневната посета на Кина повикувајќи на реформи на пазарот во втората по големина економија во светот и предупредувајќи дека САД и нивните сојузници ќе возвратат против, како што ги нарече, „нефер економските практики на Кина“.

Зборувајќи во Пекинг пред Американската стопанска комора во Кина, Јелен рече:

„САД не бараат големо целосно одвојување на нашите економии. Одвојувањето на двете најголеми светски економии би било дестабилизирачко за глобалната економија и практично би било невозможно да се преземе“.

За време на тркалезна маса со повеќе од 10 американски бизниси кои работат во Пекинг, таа ја истакна важноста на трговијата и инвестициите со Кина, и „покрена загриженост, вклучително и за бариерите за пристап до пазарот, употребата на Кина на непазарните алатки и казнените дејствија што беа преземени против американските фирми во последните месеци“.

Според соопштението на Одделот за финансии, Јелен го потврдила економскиот пристап на САД кон Кина, кој останува фокусиран на три основни цели: обезбедување витални интереси кои се однесуваат на националната безбедност и човековите права, остварување здрава и заемно корисна економска конкуренција, во која Кина игра според меѓународните правила и барање взаемна соработка за итните глобални предизвици, вклучително и за макроекономијата, климата и глобалниот долг“.

Јелен се очекува подоцна во текот на денот да се сретне со кинескиот премиер Ли Кианг и други кинески претставници во Пекинг, каде што треба да се осврне на заладените односи меѓу двете земји.

Таа пристигна во Пекинг вчера и на Твитер напиша дека американскиот претседател Џо Бајден „ја задолжи својата администрација за продлабочување на комуникацијата меѓу нашите две земји за низа прашања, и со нетрпение очекувам да го сторам тоа за време на мојата посета“.

Претставници на Одделот за финансии пред патувањето изјавија дека Јелен ќе разговара за стабилизирање на глобалната економија, како и за оспорување на поддршката на Кина за Русија за време на руската инвазија на Украина.

Не се очекува Јелен да се сретне со кинескиот претседател Шји Џјинпинг.

Нејзината посета, која треба да трае до недела, следи по патувањето на американскиот државен секретар Ентони Блинкен во Пекинг минатиот месец.

Кинеските државни медиуми соопштија дека Шји изразил надеж дека двете земји ќе го елиминираат мешањето и ќе го зајакнат дијалогот.

Дел од информациите во текстот се преземени од АП, Ројтерс и Франс-прес

XS
SM
MD
LG