Американската секретарка за финансии Џенет Јелен изјави во четвртокот дека е „критично“ САД и Кина да одржуваат односи за да можат да „работат заедно“ на глобалните предизвици. Ваквата оценка доаѓа веднаш по забелешките на претседателот Бајден кој го нарече кинескиот лидер Си Џинпинг „диктатор“ и наиде на осуда од Пекинг.
Говорејќи на прес-конференција во Париз, Јелен рече дека „во однос на коментарите, мислам дека претседателот Бајден и јас веруваме дека е критично да се одржи комуникацијата... за да се расчистат погрешните перцепции, погрешните пресметки“.
„Треба да работиме заедно, каде што е можно“, изјави Јелен. „Но, исто така искрено признаваме дека имаме несогласувања“, додаде таа.
Јелен неодамна се залагаше за подобрување на односите меѓу САД и Кина, тврдејќи дека е потребна соработка заради одржување на глобалната стабилност.
Бајден на собирот исто така рече дека Кина има „реални економски тешкотии“, и отвори нов јаз веднаш откако американскиот државен секретар Антони Блинкен ја заврши посетата на Пекинг.
Посетата на Блинкен се обиде да го скрши мразот во врските САД - Кина, кои достигнаа историски минимум.
Кина во четвртокот искажа официјален протест поради изјавите на Бајден.
„Со најновите неодговорни забелешки за политичкиот систем на Кина и нејзиниот врвен лидер, луѓето во Кина не можат, а да не ја преиспитаат искреноста на американската страна“ во обидот да се стабилизираат односите, се вели во соопштението од Пекинг.
„Кинеската влада и народот не прифаќаат никаква политичка провокација против кинескиот врвен лидер и решително ќе одговорат“, се додава во соопштението.
Во меѓувреме, говорејќи додека започнува дводневниот собир во Париз за подобрување на глобалниот финансиски одговор на климатските промени и сиромаштијата, Јелен рече дека „е задоволна што Кина учествува на овој Самит“.
Кинескиот премиер Ли Кианг беше меѓу десетиците шефови на држави и влади, светски финансиски претставници и активисти кои се собраа во француската престолнина во четвртокот за да разговараат за начините за реформирање на глобалниот финансиски систем и решавање на долговите, климатските промени и кризите на сиромаштијата, особено за земјите во развој.
„Верувам дека е важно, како што рече претседателот Бајден, двете најголеми светски економии да работат заедно во справувањето со глобалните предизвици“, истакна Јелен.
Таа, исто така, нагласи дека реструктуирањето на долгот е приоритет на САД. Додека се поголем број земји се борат со неодржливиот долг, отежнат од последиците од климатските промени, Јелен ги охрабри сите доверители да покажат флексибилност.
Кина е најголемиот државен кредитор во светот.
Цитирајќи ја Замбија, јужноафриканската земја што ја посети во јануари, Јелен рече дека е „охрабрена од напредокот“ во однос на преговорите за долгот и се надева дека „намалување на долгот може да продолжи наскоро“.
Таа не соопшти детали. „Другите итни нерешени случаи, исто така, мора брзо да се движат напред“, додаде таа, споменувајќи ги Гана и Шри Ланка.