Линкови за пристапност

Јелен утре оди во Кина во обид да ги стабилизира односите со САД


Секретарката за финансии на САД Џенет Јелен треба да отпатува в четврток во Кина за да се сретне со високи претставници во најновите напори за решавање на заладените односи меѓу двете земји.

Одделот за финансии во соопштение претходно оваа недела рече дека посетата на Јелен ќе се случи до недела и ја следи директивата на претседателот Џо Бајден за продлабочување на комуникациите за различни прашања, вклучувајќи ги финансиските случувања и глобалната макроекономија.

„Додека е во Пекинг, секретарката Јелен ќе разговара со [кинеските] официјални лица за важноста нашите земји – како две најголеми светски економии – одговорно да управуваат со нашите односи, директно да комуницираат за областите на загриженост и да работат заедно за да се справат со глобалните предизвици“, се вели во соопштението.

Висок официјален претставник на Одделот за финансии изјави во неделата дека САД сакаат здрави економски односи со Кина и дека целосното запирање на трговијата и инвестициите „би било дестабилизирачко и за нашите земји и за глобалната економија“.

Посетата на Јелен следи по патувањето на државниот секретар Ентони Блинкен во Кина минатиот месец, во кое тој и претседателот Шји Џјинпинг се согласија да ги стабилизираат американско-кинеските односи и да обезбедат областите на несогласување да не се претворат во конфликт.

Дел од информациите се од АП, Ројтерс и Агенција Франс-прес

XS
SM
MD
LG