Линкови за пристапност

Многу е загрижувачки што Кина бара од граѓаните да се шпионираат меѓусебе, вели Стејт департментот


САД се противат на иницијативата на кинеската влада која ги охрабрува своите државјани да учествуваат во контрашпионски активности.

Стејт департментот денес рече дека охрабрувањето на граѓаните да се шпионираат едни со други е „нешто што предизвикува голема загриженост“.

Оваа недела кинеското Министерство за државна безбедност, нејзината главна агенција која го надгледува странското разузнавање и антишпионирањето, објави порака на кинеската социјална мрежа WeChat, велејќи дека ефективното спроведување на законот за контрашпионажа бара не само работа на агенциите за национална безбедност на Кина, туку и „обемното учество на народот“.

Овој потег уследи по проширувањето на кинескиот закон за контрашпионажа што стапи на сила на 1 јули.

„Внимателно го следиме спроведувањето на новиот кинески закон за контрашпионажа ... кој, како што е напишано, во голема мера го проширува опсегот на активностите кои се сметаат за шпионажа“, рече портпаролот на Стејт департментот Метју Милер за време на брифингот.

„Остануваме загрижени за ризикот од произволно апсење и притворање во НР Кина како што се рефлектира во нашите совети за патување. И ќе додадам дека тие се прашања кои секретарот ги покрена на средбите со кинеските претставници“, рече Милер.

Владата во Пекинг претходно оваа година го ажурираше своето антишпионско законодавство, кое забранува споделување на какви било информации во врска со националната безбедност.

Но, законот не дефинира конкретно што претставува националната безбедност или интереси на Кина.

Се сметаше дека мерката ги зголемува оперативните ризици за многу мултинационални компании кои работат во Кина.

XS
SM
MD
LG