Линкови за пристапност

Кинеските шпионски балони го нарушија суверенитетот на држави на 5 континенти, велат САД


Државниот секретар на САД Ентони Блинкен рече дека Вашингтон дознава повеќе информации од напорите за обновување на балонот и дека ќе има повеќе да каже за тоа во наредните денови
Државниот секретар на САД Ентони Блинкен рече дека Вашингтон дознава повеќе информации од напорите за обновување на балонот и дека ќе има повеќе да каже за тоа во наредните денови

САД соопштија дека кинеските шпионски балони биле забележани на најмалку пет континенти во последните неколку години и оти Вашингтон е во контакт со своите сојузници за да сподели информации за операциите.

„Веќе споделивме информации со десетици земји ширум светот, и од Вашингтон и преку нашите амбасади. И ние го правиме тоа затоа што САД не беа единствената цел што се однесува до оваа програма, која го наруши суверенитетот на земјите на пет континенти“, рече американскиот државен секретар Ентони Блинкен за време на прес-конференција со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во Стејт департментот.

„Кој е одговорен за тоа - Кина. И не е важно, кои поединци можеби биле или не биле одговорни“, рече Блинкен на прашањето дали мисли дека кинескиот претседател Шји Џјинпинг бил свесен за операциите со шпионски балон.

Највисокиот американски дипломат рече дека Вашингтон дознава повеќе информации од напорите за обновување на балонот и дека ќе има повеќе да каже за тоа во наредните денови.

Во понеделникот, Ројтерс објави дека заменик-државниот секретар на САД Венди Шерман, информирала речиси 150 странски дипломати во 40 амбасади, додека американската амбасада во Пекинг собрала странски дипломати претходно оваа недела за да ги презентираат американските наоди за операциите со набљудувачки балон.

Столтенберг им рече на новинарите дека операцијата на кинескиот балон над САД го потврдила моделот на однесување на Народна Република Кина.

Кина суштински ги зголемува своите воени сили, „вклучувајќи нуклеарно оружје, без никаква транспарентност“, рече Столтенберг. „Се обидува да воспостави контрола над Јужното Кинеско Море и му се заканува на Тајван, се обидува да ја преземе контролата врз критичната инфраструктура, вклучително и во земјите на НАТО, репресирање на сопствените граѓани и газење на човековите права и продлабочување на стратешкото партнерство со Москва“.

Американската разузнавачка заедница заклучи дека кинескиот балон што неодамна патуваше низ континенталниот дел на САД е дел од обемната програма за надзор со која управува кинеската војска.

Пентагон рече дека вкупно пет балони за надзор од НР Кина летале над САД. Оттаму не ги елаборираа патеките на тие балони или дали американските локации се воени, но нагласија дека кинеските балони „оперираат на најмалку пет континенти во региони како Латинска Америка, Јужна Америка, Југоисточна Азија, Источна Азија и Европа.

Пентагон рече дека разузнавачката заедница на САД развила способност да ги идентификува балоните, кои биле следени, но не биле идентификувани како такви, „во последните неколку години“.

Иако „некои од овие балони претходно не беа идентификувани, последователната анализа, последователната разузнавачка анализа, ни овозможи да укажеме дека тоа се кинески балони“.

Кина соопшти дека станува збор за метеоролошки балон кој ненамерно залутал од курсот. САД категорично го отфрлија тврдењето, велејќи дека станува збор за набљудувачки балон на НР Кина, кој бара разузнавачки информации за чувствителни воени локации.

Американски борбен авион го собори балонот во саботата додека леташе над Атлантскиот Океан во близина на брегот на Јужна Каролина. Пекинг го нарече соборувањето како претерана реакција.

Дел од информациите во текстот се преземени од Ројтерс

XS
SM
MD
LG