Линкови за пристапност

За да купат храна, газани морале да продаваат облека, покажа нов извештај


Палестинските жители добиваат храна во Кан Јунис, јужниот дел на појасот Газа
Палестинските жители добиваат храна во Кан Јунис, јужниот дел на појасот Газа

Газа останува изложена на висок ризик од глад, бидејќи војната меѓу Израел и Хамас продолжува и пристапот до помош е ограничен, иако испораката на залихи го ограничи предвиденото ширење на екстремен глад во северните области, објави глобалниот монитор во вторникот.

Повеќе од 495.000 луѓе низ појасот Газа се соочуваат со најтешко, или „катастрофално“ ниво на несигурност на храната, според ажурирањето од Интегрирана класификација на безбедност на храната.

Тоа е помалку од прогнозата од 1,1 милион во претходното ажурирање пред три месеци, но сепак е повеќе од една петтина од населението на Газа.

Под „катастрофална“ несигурност на храната, се подразбира дека домаќинствата страдаат од екстремен недостиг на храна, што доведува до акутна неисхранетост кај малите деца, неизбежен ризик од глад и смрт.

Проценката објавена во вторникот вели дека за да купат храна, повеќе од половина од анкетираните домаќинства во Газа морале да продаваат облека, а една третина да собира и продава ѓубре.

Над 20% изјавиле дека поминале цели денови и ноќи без да јадат.

Севкупно, околу 96% од населението се соочило со високи нивоа на акутна несигурност на храната во периодот до септември.

Мониторот, поддржан од ОН, рече дека испораките на храна и услуги за исхрана во март и април се чини дека ја намалиле сериозноста на гладот во северна Газа, каде што претходно прогнозата беше дека има веројатност за глад.

Сепак, израелската офанзива околу јужниот град Рафа од почетокот на мај и другите непријателства и раселување доведоа до повторно влошување во последните недели, се додава.

„Хуманитарниот простор во појасот Газа продолжува да се намалува, а способноста за безбедно доставување помош на населението се намалува. Неодамнешната траекторија е негативна и крајно нестабилна“, се вели во ажурирањето.

Комитетот за преглед на гладот, група експерти кои ги разгледуваат наодите извештајот објавен во вторникот, рече дека има „екстремно човечко страдање“ во Газа и дека ризикот од глад не е намален.

Офанзивата во Рафа доведе до затворање на преминот на границата на Газа со Египет, кој беше главен пат за испорака на храна и други резерви, како и точка за евакуација за цивилите кои беа тешко болни или повредени.

Преселувањето во области со помалку вода и помалку здравствени услуги „го зголемува ризикот од појава на болести, што би имало катастрофални ефекти врз хранливата и здравствената состојба на големи делови од населението“, се вели во извештајот.

Воената кампања на Израел во Газа беше започната откако милитантите предводени од Хамас извршија напад во јужен Израел на 7 октомври, при што според израелските податоци, убиле околу 1.200 луѓе и заробиле повеќе од 250 заложници.

Според палестинските здравствени власти, при израелскиот одговор биле убиени речиси 37.600 луѓе, оставајќи ја Газа во урнатини и постојано раселени луѓе во блокираната и густо населена крајбрежна територија.

Глад може да се прогласи ако најмалку 20% од населението во областа страда од екстремен недостиг на храна, при што најмалку 30% од децата се акутно неисхранети и две лица на секои 10.000 умираат дневно од глад или неисхранетост и болести.

XS
SM
MD
LG