Линкови за пристапност

Помошта во Газа се зголеми, но мора да се одржи, рече Кирби


Околу 100 камиони влегоа во енклавата само во последните 24 часа, додаде Кирби, со што вкупните испораки на помош со камиони достигнаа 2.000 од почетокот на конфликтот
Околу 100 камиони влегоа во енклавата само во последните 24 часа, додаде Кирби, со што вкупните испораки на помош со камиони достигнаа 2.000 од почетокот на конфликтот

Хуманитарната помош во појасот Газа е значително зголемена во последните неколку дена, рече денес портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби, но САД треба да видат дека таа помош ќе продолжи, додаде тој.

„Помошта се зголеми и доста драматично во последните неколку дена“, рече Кирби во интервју за Ем-Ес-Ен-Би-Си.

„Тоа е важно, но мора да се одржи“.

Околу 100 камиони влегоа во енклавата само во последните 24 часа, додаде Кирби, со што вкупните испораки на помош со камиони достигнаа 2.000 од почетокот на конфликтот.

За првпат по шест месеци, пекара во градот Газа почна да работи со помош од Светската програма за храна, која ги обезбеди очајно потребните пакети со храна и пченично брашно до дел од енклавата, каде што извештај, поддржан од ОН, предупреди на неизбежен глад.

Претходно овој месец, претседателот Џо Бајден се закани дека ќе ја услови американската поддршка за Израел против Хамас со зголемување на хуманитарната помош во Газа и конкретните чекори на Израел за заштита на хуманитарните работници и цивилите таму.

Во одвоено интервју за Си-Ен-Би-Си, Кирби го повтори ставот на Бајден велејќи дека „нашата политика во однос на Газа ќе се промени ако не видиме значителни промени со текот на времето“.

Овој потег беше поттикнат од израелски напад во кој загинаа седум хуманитарни работници во Светската централна кујна.

Агенциите за помош се пожалија дека Израел не обезбедува доволно пристап до храна, лекови и други потребни хуманитарни материјали во опустошената палестинска енклава, каде што цивилите се соочуваат со глад и широко распространета болест, и речиси сите се бездомници.

Дел од информациите во текстот се од Асошиетед прес, агенцијата Франс-прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG